Лончар: Протестите пред домовите на лекарите се невидена дрскост

45

Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, по повод синоќешните протести на противниците на мерките за заштита од коронавирус пред зградите во кои живеат лекари во Белград и Ниш изјави дека станува збор за „невидена дрскост“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сакам да им порачам на сите тие луѓе кои отидоа на приватните адреси на доктор (Предраг) Кон и доктор (Бранислав) Тиодоровиќ повеќе да не го прават тоа. Бидејќи ниту еден од нив не е виновен за ништо, тие се мој избор за членови на Кризниот штаб. Стојам зад секоја нивна одлука или предлог. Јас сум единствениот кој може да биде виновен. Затоа, не одете пред нивните станови, дојдете пред моjот, кажа Лончар.

Синоќа демонстрантите извикуваа навреди на сметката на доктор Кон во Белград, а во неделата незадоволни граѓани од воведувањето на ковид пропусниците прошетаа покрај зградата во Ниш каде што живее доктор Тиодоровиќ.

Лончар оцени дека ефектите од ковид пропусниците веќе се гледаат, бидејќи се зголемува опфатот на вакцинацијата. Тој додаде дека Кризниот штаб ќе одлучи за продолжување на важноста на ковид пропусниците на 24 часа.

-Апелирам ова да се продолжи на 24 часа. Не гледам никаков проблем, така живее скоро цела Европа и најголемиот дел од светот. Тоа се околности кои мора да се прифатат. Не гледам никаков проблем да се продолжи со нивното функционирање понатаму, кажа Лончар.