Британскиот амбасадор при ЕУ, Тим Бероу, ја известил Европската Комисија дека Лондон нема да понуди британски еврокомесар пред 12 декември, пренесуваат медиумите.

Избраната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен, побара од британската Влада да предложи комесар, согласно европските повелби, бидејќи земјата е сѐ уште формално членка на ЕУ најмалку до 31 јануари 2020.

Меѓутоа, британските закони не дозволуваат назначување на високи функционери во меѓународни организации во предизборен период. Изборите се закажани за 12 декември, а Брегзит треба да се случи на 31 јануари 2020.

Фон дер Лајен се надева нејзината Комисија да започне со работа на 1 декември, што претставува веќе еден месец задоцнување, доколку бидат одобрени последните тројца комесари од страна на Европскиот Парламент. Но, без британски комесар, не е исклучено ново одлагање на стапување на функција на новиот состав на Комисијата.