Локални избори на 31 октомври или до средината на октомври?!   

83

Предлогот е на 31 октомври да се одржат локалните избори за да не се совпадне кампањата со Пописот. Сите политички партии треба да се изјаснат и ако се согласат, тоа ќе биде вградено во Изборниот законик. Се надевам дека ќе постигнеме консензус, важно е опозицијата да потврди дека е среќна за тој и тој датум за изборите, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Според него, овие денови се разговара, се подготвува законско решение кое, меѓу другото, предвидува и градоначалниците и советите да ги извршуваат функциите до изборот на новите.

Во однос на отворените листи, веќе е постигнат  договор со поголемите партии, малите сè уште со резерва.

– Министерот Маричиќ ќе ги каже деталите. Меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса и Алтернатива има договор. Сега уште со малите партии. Не е тоа официјализирано зашто ќе биде официјално кога барателите, а тоа се малите политички партии, ќе бидат задоволни со ваквото унапредување на демократските модели. Се работи за отворени листи каде што ќе се гласа – има една преференца. Предлогот е да има најмалку праг од три проценти. Кога би биле 16.000 избирачи, три отсто е околу 500. Тогаш, таа преференца ќе го качува кандидатот погоре на листата. Малите партии имаат резерва, викаат – ќе видиме дали е тоа фер и правично за нас. Сепак се помали, нивните гласови се дисперзирани, објасни Заев.

Но, треба да се види, дополни премиерот, дека се прави демократски исчекор.

– Го поздравувам тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прифати и еве со укажувањата кои ги дадоа, со една преференца, првпат не мора да го комплицираме системот. Советникот што ќе биде со преференца плус гласан, ќе има директна обврска кон граѓаните, не само кон својата партија или коалиција. Тоа, сметам, дека ќе ја унапреди демократијата. Тука имаме исчекор и се надевам така ќе остане до крај. Вториот дел е за денот на изборите. Овие денови се разговара, се подготвува законско решение кое ќе номинира дека градоначалниците и советите ги извршуваат функциите до изборот на новите зашто имаме причина за одложувањето на изборите, а тоа е пописот кој ќе биде во септември. Не сакаме кампањата да се совпадне со пописот. И секако, причината за одлагањето е пандемијата. Ако тоа не се промени со закон, изборите треба да бидат на 17-ти и ќе има совпаѓање на кампањата со пописот. Предлогот доминантно од партиите е 31 октомври, иако сите ќе се изјаснат. Ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ со свој став: Локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. „Тоа што Заев денес изнесува датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии уште еднаш го потврдува фактот дека Заев стравува од одржување на локалните избори, стравува од судот на народот и бара начин истите да ги одложи. Исто така, Уставот е над сè и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму посочуваат дека доколку аргументот на Заев е одржувањето на пописот, тогаш може да се одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот.

Заев  соопшти дека веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со претстојните локални избори, а до крајот на оваа недела треба да се види и со Али Ахмети. Генерално, сите, како што рече, се реалисти во однос на позиционирањето и потврдуваат меѓусебно помагање.

Според Заев, коалициското поставување е логично и најверојатно 50 отсто таков ќе биде настапот во првиот круг од изборите, додека 25 или 30 проценти ќе биде коалициски настапот во вториот круг.

-Со Тачи се видов пред две-три недели, исто и со Билал Касами, а до крајот на оваа недела треба да се видам со Ахмети. Сите потврдуваме заедничко помагање зашто сме коалиција на централно ниво, а убаво би било тоа да биде преточено и на локално ниво. Логично е коалициски да се поставиме, најголем дел ќе бидат коалициски настапи во првиот круг, 50 отсто, 25 или 30 проценти би биле во вториот круг и некаде по завршување на изборите ќе правиме повторно коалиција, објасни Заев.

Сепак, додаде, локалните избори се поразлични  од парламентарните и многу зависи од кандидатите.

На прашањето кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, БЕСА или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.

-СДСМ ќе го поддржи СДСМ. Ги имаме трите коалициски партнери. Таму имаме тројца коалициски партнери кои сигурно настапуваат со свои кандидати. Нашето општинско раководство вели дека треба и ние да настапиме. Дел од анкетите ни покажаа дека спаѓаме во првите три партии на локално ниво и секако локалните избори се избори на личности. Ако се мотивира вистински кандидат, вредно е да размислиме. Правиме анкети во Тетово на неколку кандидати кои поднесоа кандидатури. Логично е да одиме со наш кандидат, секој да оди со свој кандидат за во вториот круг, кога би останала една владејачка и една опозициска партија, да се поддржи кандидатот од владејачките партии, изјави Заев.

СДСМ ќе ја објави втората група на листата на кандидати за градоначалници на крајот на јули или почетокот на август, а третата ќе биде позната на крајот на август, согласно динамиката на пристигнување на резултатите од партиските истражувања, потврди вчера Заев. (В.М.Б.)