Прекинување на дијалогот со претставници на владата, судски да се бара правдата и информирање на грчкиот и Европскиот парламент, се дел од точките во резолуцијата што беше изгласана за време на вонредната седница на регионалниот совет на периферијата во северниот дел од Егејското Море, по донесените одлуки од владата за изградба на затворени центри за бегалци и мигранти на пет острови, јави дописничката на МИА од Атина.

Реакциите на локалните власти, доаѓаат по завчерашното соопштение на портпаролот на грчката влада дека Министерството за миграција и азил на Грција „поради јавниот интерес, е овластено да издаде наредби“ за искористување на простори за изградба на затворените контролирани центри за бегалци и мигранти.

Во изгласаната резолуција, бараат осуда на праксата на наредби; велат дека прекинуваат секаков дијалог со претставници на владата сѐ додека не се повлече одлуката за наредби; бараат растеретување на островите и префрлање на бегалците и мигрантите во други делови на Грција; бараат да се одржи лидерска средба под претседателот на државата, исто така да се одржи расправа во Парламентот, но и да се информира ЕП и со сите средства, да се преземат правни дејствија против одлуката на владата. Исто така, истакнуваат дека не треба да се изгради никаков нов центар на островите, а да се затворат постоечките.

Токму ова е и една од главните точки на несогласување меѓу владата и локалните власти, односно изградбата на затворените контролирани центри за бегалци и мигранти.

Паралелно, за утре наутро закажаа протест во Атина пред Министерството за внатрешни работи на Грција.

За последните одлуки на владата реагираше и опозициската СИРИЗА, преку портпаролот Алексис Харицис кој коментира дека „владиниот план за формирање нови бегалски центри и тоа со наредби за недвижнини, веќе оди кон целосен неуспех“.

-Веќе е јасно дека владата на Мицотакис е во апсолутен ќор-сокак. Неактивноста, континуираните премислувања и префрлања на одговорностите и надлежностите и, се разбира, нејзините екстремно десничарски опсесии, за само седум месеци, ја доведоа ситуацијата до невиден неред, вели Харицис.