Лога најави: Уште 10 чекори за екстрадиција на осудените од „Диво насеље“, ново барање до Унгарија за Груевски

367

Јас го побарав досието поврзано со трансферот на кумановската група. Најголем дел од тие барања не е според тоа што предвидува законот. Остануваат уште најмалку 10 чекори до нивниот трансфер во Косово. И за ова прашање ние ќе треба да имаме согласност од двете страни. Се надевам дека за овие и други прашања ќе имаме комуникација во државата, но и со Косово, истакна денеска Министерот за правда, Кренар Лога, во врска со екстрадицијата на осудените лица од случајот Диво насеље, да ја отслужаат затворската казна во Косово.

Лога посочи дека осудените во овој случај требало да ја доуредат документацијата  во согласност со законот. Некои од осудените во предметот имаат косовски државјанства, а  од 29 осудени, седуммина се со казни доживотен затвор, 13 казни затвор од 40 години и други пониски затворски казни.

На денешната средба со новинарите, Министерот за правда истакна дека ќе поднесе и ново барање за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски од Унгарија како и за за поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои се гонат за случајот „Таргет-тврдина“ и се наоѓаат во Грција.

-За Никола Груевски останува да одговара за 9 предмети пред домашните судови и со писмо ќе поднесам ново барање за негова екстрадиција, при што ќе биде наведено дека ќе биде преместен во хашките ќелии, што верувам дека би било прифатливо за унгарските институции дека тие ќелии ги исполнуваат меѓународните стандарди за таква намена, истакна Министерот Лога и додаде дека „недозволиво е европски земји како Грција и Унгарија, да не ни помагаат во спроведувањето на законитоста.“