Лов на богатство во кантата за ѓубре

59

Отстранувањето на отпадот е еден од најголемите проблеми на општините. Скопје е сардисано со диви мини депонии и доколку една се исчисти, на друго место се отвора некоја друга. Нивното расчистување им предизвикува финансиски трошоци на општините и на комуналните претпријатија.

Од компанијата „Пакомак“ ги советуваат граѓаните наместо да заработат пари, тие времето го трошат на депонирање на отпад. Првиот чекор кон тоа е селектирање на отпадот во домаќинствата со раздвојување на стаклото, хартијата, биолошкиот отпад и со нивно одлагање во посебни канти, може да се заработат пари и понатаму ѓубрето да се обработи за друга намена.

– Од селекција на отпад, потоа негово рециклирање може да се заработува и тоа да биде одржливо на долг рок. Денешните технологии тоа го овозможуваат и тоа е процес кој веќе е реалност во други земји. Значењето е уште поголемо од аспект на заштитата на животната средина, во зачувување на природата, и пред сè во добивањето почисти и поубави урбани средини – информираат од компанијата „Пакомак“.

Оттаму потврдуваат дека може да се заработува од отпад, но тој прво мора да се селектира и редовно да се собира и сметаат дека добро организиран град во делот на управување со амбалажниот отпад може многу други проекти да ги финансира од тоа.

– Одлична можност е да се прават пари од отпад, но тој прво мора да се селектира, па да се собира. Неформалните собирачи на отпад треба да бидат вклучени во организираниот систем за негово собирање и селекција, за што е потребно заедничко делување на институциите, локалните самоуправи, комуналните претпријатија и компаниите. Мора да се обезбеди листа на улични собирачи, кои ќе треба да поминат обука, да имаат заштитна облека и ракавици и да работат во координација со комуналните претпријатија. За оние кои од разни причини нема да сакаат да станат дел од легални системи за селекција и собирање, институциите мора да применат казни доколку повторно продолжат со нелегално собирање отпад – истакнуваат од компанијата.

Германија е светски првак во одвојувањето на различниот отпад. Во таа земја во промет се сини, жолти, зелени и сиви канти и околу 60 проценти од отпадот веќе се рециклира. Околу 40 милиони тони отпад годишно на индустријата за рециклажа ѝ носи над 30 милијарди евра.

(С.Бл.)