Ли Керслајк, тапанар на групата „Јураја Хип“ и тапанар на два албума на Ози Озборн, почина на 73-годишна возраст по битката со ракот на простата.

Поранешниот клавијатурист на „Јураја Хип“, Кен Хенсли, ја објави веста за смртта на Ли преку порака на Фејсбук.

– Со тешко срце ја споделувам веста дека Ли Керслајк, мој пријател 55 години и најдобар тапанар со кого некогаш свирев, ја загуби битката со ракот во 3:30 часот. Умре во мир, фала му на бога, но ќе ни недостасува страшно. Знам дека многумина се молеа Ли да не страда и јас сум ти благодарен за тоа. Сега кога Ли е во мир, нашите мисли и молитви треба да бидат со неговата сопруга Сју, на која сега ќе и биде потребна целата поддршка што може да ја добие, напиша Кен.

Керслајк е роден во Борнмут, 1947 година, а во групата „Јураја Хип“ се приклучи во 1972 година. Со нив сними 9 албуми пред да ја напушти групата во 1978 година. Потоа се приклучи на соло-проектот на Ози Озборн и сними два албума со него, „Blizzard of Ozz“ и „Diary of a Madman“, во 80-тите. Озборн му испратил платинести сертификати од двата албуми, исполнувајќи му ја последната желба.

– Поминаа 39 години откако го видов Ли, но тој секогаш ќе живее на албумите што ги свиреше за мене, „Blizzard of Ozz“  и  „Diary of a Madman“. Почивај во мир, реагираше Озборн на смртта на Ли.

Ли и Ози

– Ли беше еден од најдобрите луѓе на планетата, и покрај тоа што беше брат, тој беше и неверојатен тапанар, пејач и текстописец! Имаше страст за животот како никој друг, а обожавателите го обожаваа, како и сите чии патишта се вкрстуваа со него. Збогум пријателе, напиша Мик Бокс, член на „Јураја Хип“.