Лиценца за вработените и за меѓународен превоз ќе стават ред во таксирањето

253

Скопските таксисти сметаат дека жолтите регистарски таблички што беа побарани од некои такси компании им прави дополнителен трошок од 4 илјади денари и не им менува ништо друго. Велат дека тие такси компании имаат повеќе вработени, од нив пријавуваат само неколкумина, додека другите возат непријавени. Затоа бараат покрај лиценцата за возилата која сега ја издава Град Скопје, да се издава и лиценца за вработените такси возачи, но и меѓународна лиценца за превоз

Скопските таксисти почнаа да ги заменуваат старите регистерски таблички со нови и тоа жолти по боја. Тоа, според дел од нив, ќе претставува дополнителен трошок, а згора на тоа со нив не се решава ништо. Тие сметаат дека треба да добијат и меѓународна лиценца за превоз за да можат да работат и надвор од државата.

– Станува збор за трошоци во износ од околу 4.000 денари. Треба да се платат табличките, но и да се смени фискалниот таксиметар во УЈП за усогласување на податоците. Со тоа не се решава ништо, туку се трупаат само дополнителни трошоци – истакна Ѓорѓи Мариновски, претседател на Синдикатот на автотакси превозници на Град Скопје.

Тој смета дека освен лиценца за возилата која сега ја издава Град Скопје, треба да се издава и лиценца за вработените такси возачи, но и меѓународна лиценца за превоз.

– Менувањето на старите со жолтите таблички на такси возилата беше по барање само на две до три такси компании кои имаат сопствени возила. Тие имаат повеќе вработени, од нив пријавуваат само неколкумина, додека другите возат непријавени. Со издавање на лиценци и за возачите нема да може да се манипулира, односно нема да може да се прикриваат невработените возачи – потенцира Мариновски и додава дека токму поради тоа иако возат 4.000 такси возачи, во Заводот за вработување има пријавено само 600.

Според Мариновски, такси-превозниците кои се трговци поединци немаат можност за временско затајување, туку веднаш мора да бидат пријавени.

Претседателот на Групацијата на автотакси превоз на град Скопје, Сашо Рајчановски потврдува дека поставувањето на жолтите таблички на такси возилата било по барање на такси компаниите кои имаат сопствени возила, но вели дека тоа е направено за да може полицијата да ја контролира нелојалната конкуренција, односно така ќе може полесно да се разликуваат дивите од лиценцираните таксисти и тоа е влезено во Законот за возила.

– На средбите со Владата, оттаму нè убедуваа дека со тоа ќе се реши нелојалната конкуренција – потенцира Рајчановски.

Што се однесува до меѓународните лиценци за превоз на таксистите, Мариновски вели дека неколку пати разговарале со претставници од Градот да можат да ги добијат, но иако им било ветено, тоа досега не се случило.

– Сегашните лиценци кои се издаваат се само за во Скопје, но и патник да се однесе до Куманово или Битола, или до кој било град во државата, но оттаму не смееш да земеш патник, се враќаш назад празен – тврди Мариновски.

Од Град Скопје тврдат дека промената на табличките на такси возилата била по барање на самите таксисти.

– Оваа смена требаше да изврши почнувајќи од 1 октомври 2021 година, но им се даде пролонгиран период и некои од нив веќе ги поставуваат – изјави Зоран Дамјановски, раководител на Секторот за сообраќај во Град Скопје.

Во однос на барањето на таксистите да може да им се издаде меѓународна лиценца за превоз, Дамјановски вели дека тоа е во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

Оттаму објаснуваат дека кај нас нема регулација на такси-превозот во меѓународни рамки и затоа таксистите не можат да вршат превоз во трети земји.

– Немаме потпишано билатерална спогодба со ниту една земја за да може такси-превозот да се одвива на таков начин. За сега такси-превозот е само во рамките на границите на нашата држава. Кај нас е регулирано такси-превозникот да може да земе патник од Скопје и да го однесе на пример во Охрид, но оттаму не смее да земе друг, се враќа празен и сето тоа е по тарифа пропишана од Град Скопје – појаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

 

(А.П.)