Лидија Бошковска стана прва амбасадорка на Македонија во Грција

103

Во позитивна и пријатна клима, во претседателската палата во Атина, новоименуваната амбасадорка на земјава во Грција, Лидија Бошковска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, церемонијата започна со интонирање на грчката химна, по што амбасадорката ги предаде акредитивните писма и по куса аудиенција на крај беше интонирана македонската химна.

За време на аудиенцијата, Сакеларопулу и Бошковска разговарале за билатералните односи, за соработката, економијата, пандемијата, но и за туризмот.

Заедно со Бошковска, акредитивите ги предадоа и амбасадорите во Атина на Ирак, Филипини, Јужна Кореја и Нигерија, а на церемонијата во претседателската палата присуствуваа и заменик министерот за надворешни работи на Грција Костас Франкојанис и генералниот секретар на претседателката Василиос Пападопулос.

Бошковска е првата амбасадорка на Македонија во Грција, по подигнувањето на дипломатските односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа, со што Канцеларијата за врски во Атина прерасна во Амбасада.

Воедно таа е и првата жена амбасадор на Македонија што ѝ ги предаде акредитивите на првата жена претседателка на Грција.

Министерствата за надворешни работи на Македонија и Грција пред две години разменија ноти, со кои, согласно Договорот од Преспа, се подигна нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади.

Паралелно нашата Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун се подигна на ниво на Генерален конзулат, а истовремено грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.