Лидерската средба без договор за уставни измени

30

Без договор за уставни измени и заеднички заклучоци, но со поединечни барања, меѓу кои и за предвремени парламентарни избори и за официјално барање од Софија за признавање на македонското малцинство, заврши лидерската средба што на иницијатива на премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски се одржа вчера во Собранието.

На поканата на премиерот за средбата која ја иницираше за дискусија за европската иднина на државата и за одлуките што треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус не се одзваа само лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Беса Биљал Касами.

Пред лидерите беа изнесени детали за евроинтеграциите, справувањето со енергетската криза, основните претпоставки во буџетот за 2023 година, антикризните мерки, а претседателот на Собранието ги објаснил и процедурите и постапките за евентуални уставни промени во државата.Ковачевски, по средбата, изјави дека побарал договор за национално единство за ЕУ и одговорност од сите, Собранието да функционира непречено, сите пратеници да се вклучат во носење на законите, а темата за ЕУ да не биде терен за дневна политика.

Нема заеднички заклучоци од средбата со кои побарал од парламентарните партии зачленувањето во ЕУ да се смета за надпартиски интерес и сите чинители да дадат целосна поддршка.

За него е клучно што се седнало на маса и се разговарало и тоа според него е позитивен сигнал и кон граѓаните.

-Потребна ни е инклузивност и по темата за ЕУ секако, а не терен за политички борби и пресметки. Не смееме да дозволиме уставните измени на кои се обврзавме со европскиот предлог со заклучоците од Собранието, да бидат пречка која самите ќе си ја поставиме. Првпат одлуките зависат само од нас, а блокадата ако се случи, ќе ја направиме ние. Вие веќе знаете, доколку ги изгласаме уставните измени, автоматски одиме понатаму, се отвораат кластерите, без потреба од нова одлука и без можност за нова блокада од Бугарија. Треба да бидеме мудри и да го искористиме поволниот момент и атмосфера која ја има во ЕУ во наша полза, изјави Ковачевски по средбата.

Истакнувајќи дека не може да каже како ќе се однесуваат политичките партии во однос на одлуките што треба да се носат, а се однесуваат на ЕУ и уставните измени, рече дека верува оти РСМ ќе изнајде сила за да може да продолжи по својот европски пат.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, го повтори барањето за предвремени парламентарни избори, што според него е логично бидејќи власта нема мнозинство за  уставни измени.