Лидерската не донесе консензус, но власта и натаму е оптимист

 Политичките турбуленции, кои станаа секојдневие во последниот период, тешко дека може да донесат консензус за државните интереси. Со различна реторика по завршувањето на лидерската средба, власта и опозицијата се чини дека се уште подалеку од договор за евентуални уставни измени. Но, и покрај зацементираните ставови на ВМРО-ДПМНЕ, власта не го губи оптимизмот да обезбеди 80 пратеници за отворање на Уставот. До крајот на скринингот ќе се усвојат уставните измени, незамислива е ситуацијата во која ние самите би се блокирале. Вицепремиерот Бојан Маричиќ е оптимист дека уставните измени ќе се донесат во втората половина на следната година

30

Како ќе продолжи меѓупартискиот дијалог по неуспехот на лидерската средба, засега е неизвесно. Политичките турбуленции, кои станаа секојдневие во последниот период, тешко дека може да донесат консензус за државните интереси. Со различна реторика по завршувањето на лидерската средба, власта и опозицијата се чини дека се уште подалеку од договор за евентуални уставни измени. Но, и покрај зацементираните ставови на ВМРО-ДПМНЕ, власта не го губи оптимизмот да обезбеди 80 пратеници за отворање на Уставот.

До крајот на скринингот ќе се усвојат уставните измени, незамислива е ситуацијата во која ние самите би се блокирале. Вицепремиерот Бојан Маричиќ е оптимист дека уставните измени ќе се донесат во втората половина на следната година. Потенцира дека во минатото се правеле и потешки уставни измени.

– Доколку ги направиме уставните измени, нема да има блокада, нема да зависи од никој друг понатамошната фаза и веднаш ќе биде свикана втората меѓувладина седница. Доколку не ги завршиме тие задачи, тогаш оставаме простор по завршувањето на скринингот да не можеме да организираме нова меѓувладина седница. Така што мислам дека сите ќе бидат на висина на задачата и доволно свесни да сфатат дека е потребно да се даде поддршка, особено зашто низ годините во минатото имаме правено потешки уставни измени од овие – изјави Маричиќ.

На прашањето како ќе се одрази неуспешната лидерска средба на процесот на скринингот, тој кажа дека скринингот тече непречено и оти лидерската е почеток на политичкиот дијалог.

– Процесот на скринингот тече непречено од 15 септември наваму, без разлика на исходот на која било средба меѓу политичките партии. Лидерската средба беше почеток на политичкиот дијалог, и тоа ќе трае. Ние ќе го спроведуваме скринингот до ноември наредната година и досега тече успешно – рече Маричиќ.

Тој информираше дека досега имаме завршено три кластери од преговорите со објаснувачки скрининг, а на крајот од оваа недела, в петок, започнува билатералниот скрининг.

– За првпат го правиме, тоа е една нова фаза, и се подготвуваме интензивно за тоа. Почнуваме со поглавјето 5 – Јавни набавки во рамките на кластерот темелни вредности. Парламентот има важна улога, исто како и граѓанските организации, па секој ќе треба да заземе своја улога и да покрие свој дел од одговорноста во процесот на преговорите. Парламентот има особено силна улога поради европските реформи што треба да ги направиме и ние сме подготвени заедно да направиме реформски план, кој ќе помине во Собранието и кој ќе биде спроведуван делумно и во Собранието, но исто ќе треба да се разговара и за другите чекори, и за уставните измени. Лесно е да се даде поддршка декларативно за евроинтеграциите, но вистинската поддршка се покажува кога доаѓа на ред да се носат тешките одлуки за државата – порача Маричиќ.

Во исто време, од ВМРО – Народна партија, преку соопштение, најавија дека ќе поддржат уставни измени.

-ВМРО – Народна партија е меѓу првите политички партии што го поддржаа и гласаа „за” европскиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ во јули оваа година. Во овој процес, поддржуваме и придонесуваме со нашето дејствување за побрзо и поуспешно завршување на, во прво време скринингот, а потоа и преговорите по поглавја.

На овој начин, суштински ќе докажеме дека Северна Македонија е демократска држава, која ги почитува правата на народите што се застапени и живеат во државата, а со тоа се почитуваат и европските вредности за демократизација на општеството, соопштија од партијата.

Лидерската средба што се одржа вчера во Собранието, заврши без договор за уставни измени и заеднички заклучоци, но со поединечни барања, меѓу кои и за предвремени парламентарни избори. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата го повтори барањето за предвремени парламентарни избори, што, според него, е логично, бидејќи власта нема мнозинство за уставни измени.                         (Ј.Ц.Г.)