Во Брисел, денеска турбулентно започна дводневниот јунски Самит на Европската Унија, чиј вовед беше средбата ЕУ – Западен Балкан, на која учествуваше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Средбата траеше речиси четири часа, а прес-конференцијата по неа, на која требаше да се обратат лидерите на Европската Унија, беше откажана. Со ова се потврди дека денот не е добар за проширување на ЕУ, како што најави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел. Истовремено, стана јасно дека принципот на вето е главната пречка за понатамошното проширување на ЕУ, па затоа германскиот канцелар Олаф Шолц упати барање ЕУ да премине на донесување надворешнополитички одлуки со квалификувано мнозинство, што подразбира укинување на правото на вето, но Франција и некои други земји се против.

На прес-конференцијата по Самитот ЕУ – Западен Балкан требаше да говорат францускиот претседател Емануел Макрон, како актуелен претседавач со ЕУ; претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Но, затоа заедничка прес-конференција одржаа лидерите на Србија, Албанија и на Македонија, Александар Вучиќ, Еди Рама и Димитар Ковачевски.

Кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, соопшти дека закажаната конференција е одложена поради недостиг на време, бидејќи состанокот траел подолго од планираното, а заедничката декларација не била ни закажана. И покрај недостигот на какви било резултати, од кабинетот на Мишел велат дека „средбата поминала добро“, јавија западни медиуми. Лидерите на 27-те земји членки на ЕУ на својот редовен самит, кој следуваше попладнево, треба да одобрат кандидатски статус за Украина и за Молдавија, со што ќе ги прескокнат Босна и Херцеговина и Косово, единствените две земји од регионов кои сè уште немаат кандидатски статус.

Пред самиот почеток на Самитот на ЕУ, претседателот на ЕС, Мишел, истакна дека Унијата е пред важен одлучувачки геополитички момент, бидејќи ќе се носат одлуки во полза на стабилноста и просперитетот. Тој изрази уверување дека на Самитот на ЕУ ќе биде донесена одлука за кандидатскиот статус на Украина и на Молдавија, како и јасна европска перспектива за тие две земји и Грузија.

– Имаме важен состанок со лидерите на Западен Балкан и постои желба да внесеме нова енергија во нашиот процес. Во моментов, имаме проблем во Бугарија и се обидуваме да ставиме предлози на маса за да можеме што поскоро да ги почнеме пристапните преговори со Македонија и со Албанија. Тоа е нашиот главен приоритет сега и ќе направиме сè за да напредуваме во тоа – изјави Мишел.

Мишел, исто така, кажа дека сите напори што ги презема БиХ на патот кон ЕУ, имаа позитивни ефекти за намалување на тензиите и дека ЕУ ќе направи сè за да ги направи институциите во земјата функционални.

Во пресрет на Самитот, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, најави дека нема ништо од ново проширување на ЕУ.

– Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување – изјави Борел пред почетокот на Самитот.

Тој изрази незадоволство поради недостигот на напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, додавајќи дека тоа покажува оти консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ. Истакна дека ЕУ мора да стори сè за да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“, нагласувајќи дека тоа ќе може да се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.

Во однос на ветото, слично размислува и германскиот канцелар Шолц, кој зборувајќи пред пратениците во Бундестагот, пред Самитот на Европскиот совет, повтори дека се залага за реформи во ЕУ, првенствено за промена на правилата на гласање, со што би се спречило поединечни земји да блокираат мнозински одлуки, особено нагласувајќи ја надворешната политика како област каде што е потребна таква промена. Но, неколку земји од ЕУ, вклучувајќи ја и Франција, веќе изнесоа забелешки за укинување на правото на вето во клучни области, како што е надворешната политика.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Вархеји, пак, потврди дека сите бугарски барања станале дел од македонскиот преговарачки процес со ЕУ.

– ЕУ многу сериозно ги сфаќа сите бугарски грижи и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Сега е моментот за одговорни одлуки. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска Унија. Заедно ќе бидеме посилни – наведе Вархеји во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.

Но, и покрај влезот на сите бугарски барања во преговарачката рамка за Македонија, Софија не го тргна ветото. Ова само ги потврди сомнежите на Скопје и на Тирана, кои веќе не веруваат дека ЕУ има решение за „бугарскиот“ јазол.

– Сè уште го чекате Годо? Не, ние сме навикнати на оваа шарада и повеќе од кога било посветени сме да ја поттикнеме модернизацијата на нашите земји и нашиот регион со непоколеблив европски дух – напиша на социјалните мрежи албанскиот премиер Еди Рама.

Претходно, Рама изјави дека е срамно што една земја членка на НАТО – Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО – Албанија и Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа. Тој истакна дека Албанија не се чувствува како жртва на овој процес, бидејќи, како што нагласи, секогаш ќе има по некоја Бугарија „овде или онде“ што може да блокира.

И српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се надева, но не е сигурен дека ќе се најде решение за тргање на бугарското вето и деблокада на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Во однос на бугарското условување на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, Вучиќ рече дека истото му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35.

(И.С.)