Ракометарите на Еурофарм Работник со нетрпение го очекуваат премиерниот натпревар во СЕХА лигата кој утре во 20:45 часот ќе го одиграат со рускиот тим Спартак од Москва. По пауза од 15 години повторно во битолската спортска сала ќе се игра врвен меѓународен ракомет најави предводникот на битолчани, Стевче Алушовски.

  • Екипата на Спартак од Москва е со највисок ранг во рускиот ракомет, тим со повеќе ракометни репрезентативци, а тоа за нас е дополнителен мотив, сезоната да ја почнеме со победа. За претстојните 20 меѓународни натпревари реализиравме солидни подготовки како за СЕХА лигата која што е атрактивна бидејќи во Битола ќе гостуваат Веспрем, Загреб, Мешков Брест…, така и Лигата на шампиони која е помалку атрактивна, но со исклучително силни и квалитетни клубови и национални шампиони, истакна Алушовски.

Во битолскиот клуб оваа сезона ќе настапуваат шест македонски ракометни репрезентативци, но и репрезентативци на хрватската, црногорската и селекцијата на БиХ.

  • Со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Знаеме дека публиката ќе биде наш осми играч. Таа долги години очекуваше вака голем спортски настан. Формално сме дебитанти, но градот е со ракометна традиција и затоа ќе дадеме се од себе успешно да го претставиме битолскиот и македонскиот ракомет, изјави капитенот Гоце Ојлески.