Последните 30 години навивачите на Ливерпул си поставуваат исто прашање, но оваа сезона тоа прашање е повеќе од актуелно. Дали оваа сезона ќе биде конечно таа сезона во која Ливерпул најпосле ќе ја освои шампионската титула?
После осум одиграни натпревари, „црвените“ имаат дури осум бода повеќе во споредба со директниот ривал во борбата за шампионската титула, тимот на Манчестер Сити, и сите веруваат дека Јурген Клоп, после европската круна, на „Енфилд“ ќе ја донесе и домашната, англиската круна.
Сепак, поучени од најразличните искуства, особено од минатогодишните, сите во Ливерпул се максимално внимателни кога е во прашање конечниот изглед на табелата. Причина плус за загриженост е и информацијата дека двајца од убиственото трио во нападот, не соработуваат затоа што сакаат по секоја да ја освојат „Златната топка“.
Британскиот таблоид „Дејли мејл“ до најситниот детаљ ја анализираше соработката помеѓу Саидо Мане и Мохамед Салах. Двајцата си немаат поделено ниту една асистенција во актуелната сезона, а тоа е доволен доказ дека постои сериозен проблем во соблекувалната на „црвените“. Причина плус за деталната анализа и инцидентот кој се случи за време на првенствениот дуел против Барнли кој заврши со убедлив триумф на Ливерпул од 3:0. Мане му се налути на Салах затоа што не му ја подаде топката во мат-ситуацијата пред противничкиот гол.
Англиската јавност сè почесто ја форсира приказната дека Ливерпул до крајот на сезоната може да биде жртва на себичната амбиција на Салах и Мане. Сенегалскиот интернационалец прв ја спушти топката со изјавата дека Салах му е добар пријател и дека се исфрустрирал поради желбата Ливерпул да слави со што е можно поголема разлика.
Статистиката сепак кажува нешто сосема друго. Салах нема создадено ниту една шанса за Мане кој пак само четири пати го има проиграно Салах, но акцијата не резултирала со погодок. Кога е во прашање актуелната сезона, двајцата имале само 26 додавања помеѓу себе. Изминатата сезона двајцата одиграа заедно 2.996 минути и оствариле 217 додавања, плус четири асистенции и 37 создадени шанси. Ливерпул заврши на втората позиција, а двајцата постигнаа вкупно 22 погодоци.
Мане сезонава има најдобар реализација, но не смее да се заборави ниту Роберто Фирмино. Сенегалецот 26.32% од шансите ги претворил во погодок, додека Салах 15.38%. Мане има учество во 30% од постигнатите голови на Ливерпул, додека Салах 35%.