Ливерпул подготви 140 мил. евра за проблематичниот играч

167

Актуелниот европски клупски шампион, тимот на Ливерпул, ќе се обиде да го искористи тензичниот однос помеѓу раководните лица на Борусија од Дортмунд и крилниот напаѓач, Џејдон Санчо. Така тврди поранешниот фудбалер, Јан Аге Фјортоф, кој моментално работи како фудбалски аналитичар.

Англискиот интернационалец нема ослободителна клаузула, но челниците на германскиот гигант точно знаат колку сакаат за неговото обесштетување. Според Фјортоф, Борусија од Дортмунд посакува понуда не помала од 140 мил. евра, сума која може да ја исплати англискиот премиерлигаш и тоа веќе во јануари.

Доколку се реализира ваквата најава, Мохамед Салах, Роберто Фирмино и Саидо Мане, ќе добијат сериозна конкуренција во 19-годишниот крилен напаѓач кој вече има запишано 11 настапи за „Гордиот Албион“.

Санчо се пресели на „Сигнал Идуна Парк“ во 2017 година, откако Манчестер Сити го прифати понуденото обесштетување од околу 10 мил. евра. Англичанецот без никакви проблеми ќе се вклопи во тактиката на Јурген Клоп кој е фан на офанзивниот фудбал. Германските медиуми се убедени дека е прашање на време кога Санчо ќе стави крај на авантурата во Борусија.

Во изминатите месеци Санчо пропушти неколку тренинзи, пропушти неколку клупски состаноци и редовно каснеше после репрезентативните обврски. Иако станува збор за сериозни прекршоци, поради кои треба да тренира со вториот или младинскиот тим, Борусија досега се има одлучено само за парична казна затоа што станува збор за играч кој треба да биде продаден за повеќе од 100 мил. евра.

Нема дилема дека Санчо е невиден талент, но има сериозен проблем со дисциплината. Освен „црвените“ од „Енфилд“, интерес за неговите услуги покажаа и раководните лица на Барселона, Реал (М), Манчестер Јунајтед и на ПСЖ.