Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс стартуваа со победа во големото финале во НБА лигата, откако славеа против тимот на Мајами со 116:98 во првиот натпревар од серијата до четири победи.

„Езерџиите“ беа подобри во поголемиот дел од натпреварот и по првата четвртина водеа со 31:28, за на полувреме да дојдат до предност од 65:48. На крајот на третиот дел семафорот покажа 93:67, предност која екипата на Мајами во последната четвртина не можеше да ја надомести, иако ја реши во своја корист (31:23), па само успеа да го ублажи поразот на доминантните Лејкерс.

Најзаслужен за триумфот на Лејкерс беше Ентони Дејвис со 34 поени, додека Леброн Џејмс ја заврши средбата со 25 поени. На спротивната страна Џими Батлер придонесе со 23 поени, но воедно и се повреди. Во редовите на Мајами се повреди и Горан Драгиќ.