Како што се намалува времето до јунскиот состанок на Советот на Европската Унија така, според македонскиот државен врв, се намалуваат и шансите за кревање на бугарската рампа на македонскиот евроинтегративен пат. Изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанија станува заложник на македонско-бугарскиот спор, само ги потврдува македонските стравувања за ново јунско разочарување.

Шансите за кревање на бугарското вето во јуни се помалку од 50%, смета претседателот Стево Пендаровски, затоа што, за жал, бугарската страна во последниот еден месец сака на голема врата да ја врати историјата. Тој посочи дека нарушувањето во односите почнало откако ги примил на средба претставниците од ОМО Илинден Пирин.

„Само поради приемот на ОМО Илинден добивме канонада на квалификации и напади. Се вратија на стариот бугарски вокабулар. Мислам дека Петков, бидејќи беше фронтално напаѓан во Владата, и нему му требаше да ја засили политичката референца“, нагласи Пендаровски.

Во однос на бугарскиот услов за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, претседателот вчера порача дека земјава мора да има некаква гаранција од Софија или од Брисел дека ова прашање ќе биде последното барање на Софија за отстранување на бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ.

Тој истакна дека ако Бугарија се обврзе дека нема да бара ништо дополнително за деблокада на нашиот европски пат, тогаш ќе се добијат двојни гаранции.

„Ако вие ми кажете, ние сакаме да бидат гарантирани правата на Бугарите кои живеат во Република Северна Македонија, јас немам проблем со тоа, меѓутоа на кој начин мислите? Бугарската страна смета дека тоа треба да се направи на самиот почеток – ќе го смените Уставот, ќе ги ставите внатре и тоа за нас ќе биде најголема гаранција дека вие сте сериозни во почитувањата на правата на Бугарите кои живеат кај вас. Јас мислам дека тоа е еден вид уцена – ако ти го промениш Уставот до тој и тој датум, тогаш јас се обврзувам дека нема да барам ништо плус од ова во однос на ова прашање – нагласи Пендаровски.

Тој додаде дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, оценувајќи дека ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него доколку не се добие писмена гаранција од Софија дека нема да има нови условувања, е сосема коректен.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, синоќа, во ТВ-интервју, посочи дека не може да се разговара за парцијални барања од двете страни и дека договор со Бугарија е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања и ќе значи безусловно кревање на ветото за почнување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ.

Тој додаде дека политичките прашања со Бугарија се разговараат меѓу експертите од министерствата за надворешни работи, кои разменуваат идеи и одржуваат состаноци, но дека во моментов не постои документ прифатлив за двете страни.

– Финален документ прифатлив за двете страни – во моментов нема. Кога ќе биде достапен таков документ, тој ќе биде споделен со институциите и во нашата држава и во Бугарија – рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека решението со Бугарија треба да биде базирано на задржување на достоинството на двата народа во двете држави, повторувајќи  дека за македонскиот јазик и идентитет воопшто не сака да разговара.

Иницијативи за деблокирање на евроинтеграциите

Во меѓувреме, од ЕУ повремено доаѓаат иницијативи за излез од застојот во проширувањето на Унијата, кое поради кризата во Украина доби безбедносна тежина.

Поранешниот италијански премиер Енрико Лета, во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, побара ЕУ итно да се трансформира во европска конфедерација со сите земји кандидати и аспиранти за членство во Унијата, меѓу кои и Украина. Претходно, европратеникот Бернард Гета од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, во интервју, изложи идентична идеја, со што се потврдува дека во многу кругови на ЕУ сериозно се разгледува оваа опција, бидејќи Брисел е свесен дека мора да ѝ даде кандидатски статус на Украина, но и дека земјите од Западен Балкан не можат да бидат запоставени.

Лета во интервјуто за белгиски „Ле Соар“ предлага „веднаш да се креира европска конфедерација со 36 земји“ – 27-те членки на ЕУ, шесте држави од Западен Балкан, плус Украина, Молдавија и Грузија. Лета вели дека моделот на таа конфедерација би бил Г20, кој не е резултат на Повелбата, туку е политички договор меѓу земјите. Италијанскиот политичар тврди дека оваа идеја не е алтернатива, туку паралелен процес на полноправното членство и дека Киев не треба да добие впечаток дека ЕУ не сака да ја прими Украина.

(И.С.)