Летечки велосипеди, тајфун, сафари турнеја… ќе го креваат адреналинот

420

Изградбата на нов тематски Забавен парк, кој ќе понуди повеќе реквизити за забава и возбуда, нови објекти, а во исто време и ќе овозможи поголема безбедност за посетителите, во согласност со технолошкиот развој, европските модерни текови и вкупната економска политика, според градските власти е една од нивните долгорочни цели, со цел дополнително да се поттикне визијата за Скопје како развиен културно-историски и спортско-рекреативен туристички центар

 

Летечки велосипеди, тајфун, сафари турнеја, антички авантуристички автомобили, семеен ролеркостер, панорамско тркало се дел од авантуристичките, но и адреналински  реквизити што ќе се најдат во новиот скопски Луна парк.

Освен овие ќе има и други реквизити и содржини на кои ќе можат да се забавуваат помалите, но и повозрасните кои сакаат да почувствуваат возбуда.

Станува збор и за мини тркало, воздушен балон, туркање со тркалезни автомобилчиња (Round Bumper cars), мини-пирати, семеен ролеркостер, ролеркостер, пиратски брод, возење на тобоган, акваманија, твистер ролеркостер, туркање со автомобилчиња, рингишпил, скај флаер. Ќе има и различни игри и комплекс игралиште.

Освен овие реквизити во новиот Луна парк ќе бидат поставени и плус седум претходно набавени реквизити: небесен пад, сајбер скок, воз „Ел Пасо“, конвој, скокај наоколу 6, happy swing и coffee cup.

Реализацијата на Програмата за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање која беше на дневен ред на денешната седница на Советот на Град Скопје предвидено е да се одвива фазно во периодот од 2019-2021 година. Проектирањето ќе биде 2019 – 2020 година, изградбата на инфраструктурата, супраструктура и објектите е 2020 – 2021 година, а набавката на опрема – реквизити и нивно монтирање, 2019 – 2021 година.

Изградбата на нов тематски Забавен парк, кој ќе понуди повеќе реквизити за забава и возбуда, нови објекти, а во исто време и ќе овозможи поголема безбедност за посетителите, во согласност со технолошкиот развој, европските модерни текови и вкупната економска политика, според градските власти е една од нивните долгорочни цели, со цел дополнително да се поттикне визијата за Скопје како развиен културно – историски и спортско – рекреативен туристички центар.

-Врз основа на новата Студијата за новиот тематски Забавен парк во Скопје изработена од „Бауса“ од Италија, направен е нов концепт, кој економски е поисплатлив – сметаат од Градот.

Проектирањето, изградбата, набавката на опрема – реквизити и нивно монтирање ќе се изврши на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, доделено на трајно користење на Град Скопје со одлука на Владата од 25.12.2015 година, за урбанистичка парцела 3.1, со површина од 84.040 квадратни метри, со намена парковско зеленило, како и спорт и рекреација.

Носител на инвестицијата за проектирање, изградба, набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање е Град Скопје.

Проектот  е соодветен за Македонија и се предвидува да има околу 300.000 посети годишно и тоа само од домашни луѓе, односно 3.000 на ден и 1.300 во еден момент, а ќе овозможи 100 директни и 500 индиректни вработувања.

Паркот ќе биде со површина од 26.000 квадратни метри“.

Паркот ќе има 24 реквизити, кои тематски ќе бидат поделени по држави, па оттука и името „Светот“.

Забавниот парк кој треба да стане туристичка атракција ќе има и паркинг од 11.000 квадратни метри, ресторани, продавници, тоалети, фонтани и театар со 200 седишта.

При изградбата на паркот нема да се урива ниту еден објект од некогашниот луна парк, а ќе се зачуваат и сите дрвја и зелени површини.

Вкупната проценета вредност за проектирање, изградба на Забавен парк, набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање, изнесува 720.000.000,00 денари без ДДВ.

(А.П.) Фото: (П.С.)