Летаа ќерамиди, билборди, панели, лимови – поплавени улици и подруми!

1310

Урнати бандери, светлечки реклами и билборди, паднати ќерамиди, оџаци, соларни панели, поплавени улици и подруми, како и паднати дрвја врз тротоари и попречени патишта, е епилогот од силното невреме кое синоќа по 19 часот го зафати североисточниот регион на нашата држава.

Невремето проследено со силен ветар и обилен дожд поплави голем број улици и подрумски простории во Делчево, а градот кратко време беше без електрична енергија. Силниот ветар ги преврти тезгите на градскиот пазар, а во непосредна близина е и ОУ „Ванчо Прке“, каде што е урнат дел од покривот од невремето.

Улицата пред училиштето беше блокирана поради искршените лимови од силниот ветер, паднати на коловозот. Екипи на Комуналното претпријатие веднаш интервенираа на отстранување на паднатите дрвја, а градоначалникот Горан Трајковски изјави дека најважно е што нема повредени лица.

– Делчево беше зафатено од невреме со посериозни размери, со ветришта и поголема количина дожд, но, за наша среќа, нема пријавено ниту еден повреден и тоа е најважно. Има откорнати дрвја и материјална штета на институции, но сето тоа ќе се надомести – рече Трајковски на денешниот координативен состанок на Кризниот штаб на кој присуствуваа претставници на локалната самоуправа, Јавното комунално претпријатие, Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи и МВР Делчево.

Вакво невреме, како што посочи тој, го нема зафатено Делчево многу години наназад. Веднаш се пристапи кон санирање на штетите и му беше дадена помош на локалното население.

– Ситуацијата е стабилна. Ќе се проценат штетите и ние, како локална самоуправа, ќе помогнеме и доколку е потребно, ќе побараме помош за поголеми штети од Владата – изјави Трајковски.

Тој апелираше до граѓаните – таму каде што треба помош, да се јават во Комуналното претпријатие, МВР и во Центарот за управување со кризи.

Невремето зафати делови и од Македонска Каменица и беа оштетени покривните конструкции на неколку трговски објекти, а во текот на денешниот ден се расчистуваа и патиштата во руралните средини. Екипи на ЈП „Камена Река“ работеа и на повторно оспособување на двете коловозни ленти кон рудникот „Саса“, а во најголем дел ги санираа штетите и во централното градско подрачје. Пожарникарската служба, пак, интервенираше на отстранување на паднато дрво кое предизвика штета врз паркиран автомобил.

Во Кривопаланечко, невремето откорна дрвја и попречи патишта. Кратко во прекин беше сообраќајот на магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка – граничен премин со Република Бугарија, Деве Баир. Благодарение на одличната соработка и координација на локалната самоуправа, Територијалната противпожарна единица, екипите на „Македонија пат“ и Јавното претпријатие „Комуналец”, паднатите дрвја се отстранети.

– Невремето предизвика штети и откорна дрвја кои го попречија сообраќајот на повеќе локални патни правци, на новиот пат кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ и на магистралниот пат А2 на неколку места, но навремената реакција на итните служби и на јавните претпријатија од Општината придонесоа за брза санација на штетите од невремето, кое беше со силен интензитет – рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој беше дел од акцијата и активно учествуваше во расчистувањето и отстранувањето на настанатите штети.

Два дена претходно, големо невреме ги зафати и општините Виница, Ранковце, Демир Капија, Гевгелија и предизвика големи штети на објекти, како и блокирани сообраќајници од паднати дрвја и гранки.

Синдикатот, утре од 7 до 10 часот, ќе ги блокира влезот и излезот кон Скопје, кај Автокоманда

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) продолжува и преку други форми на синдикален притисок врз пратениците, кои не го гласаат амандманот за повисоки плати за јавниот сектор, па незадоволството утре ќе го изрази на улица. Од 7 до 10 часот ќе ги блокира влезот и излезот кон Скопје, во населбата Автокоманда, и тоа на раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ со „Шеснаесетта македонска бригада“, а ќе бидат пропуштани само возилата на итната медицинска помош, полицијата, Армијата и Пожарната.

Од ССМ сметаат дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво, каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2.806 денари, што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот.

– Вработените во јавниот сектор се солидарни како никогаш досега, а работниците ​ во јавниот сектор кои добија усогласување на платите, овие три изминати денови штрајкуваат и за работниците кои не добија солидарно усогласување на нивните плати за 2.806 денари. Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно. Пораката ќе биде јасна за пратениците, кои не даваат поддршка и глас за предлог-амандманот на ССМ, зашто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри, кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза – велат оттаму.

ССМ го стави генералниот штрајк во мирување во регионите погодени од невремето во општините Делчево, Виница и Демир Капија и синдикалците беа ангажирани во расчистување на штетите од невремето.

– Нашите колеги, браќа и сестри синдикалци, се веќе на терен и им помагаат на најпогодените – се вели во соопштението од ССМ.

УХМР: Следните денови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во следните денови ќе се задржи сончево и топло време, но потенцираат дека во попладневните и вечерните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

(С.Бл.)