EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA / POOL

Иако со години се вртеа разни приказни дека првиот човек на Ред бул, Кристијан Хорнер, би можел да засили еден од најтрофејните тимови во Формула 1, тимот на Ферари, сепак, конечно, стигна демант.

Британецот е на чело на Ред бул од самото основање на овој тим, со кој освои четири шампионски титули со Себастијан Фетел, во периодот од 2009 до 2013 година, а потоа и со Макс Верстапен, оваа и минатата сезона.

За магазинот „Автомотоспорт“, Хорнер одговори на тоа дали некогаш преговарал со Ферари.

  • Искрено, не, не бев во искушение да гледам друг тим или некоја друга работа. Јас бев во Ред бул од самиот почеток. Чувствувам одговорност за развојот на тимот и мислам дека никогаш нема да има нешто што ќе ме натера да заминам. Лојален сум им на луѓето што работат овде и на Ред бул – открива Хорнер.

Но, исто така, призна дека Ферари своевремено стапило во контакт со главниот човек на Ред бул.

  • Поласкан сум што Ферари ме контактира. Тоа е одличен тим и сигурен сум дека повторно ќе биде конкурентен. Но, не ми беше тешко да го одбијам – призна Хорнер.

На крај, тој одговори дали во неговиот тим има место Матијас Биното, човекот кој до неодамна ја извршуваше функцијата шеф на Ферари, но поради слабите резултати, доби шут-карта.

  • Не гледам каква функција може да има Матијас кај нас. Но, сигурен сум дека ќе има многу повеќе можности за него во Формула 1 – одговори Хорнер, практично повторувајќи ја изјавата на Тото Волф дека не треба да се очекува дека Биното ќе работи за Мерцедес.