Се сретнаа во рингот пред дваесет години, а денеска двајцата важат за легенди во боксот, но наскоро повторон би можеле да ги одмерат силите. Станува збор за Американецот Мајк Тајсон, кој неодамна одработи една борба и Британецот Ленокс Луис, човекот кој пред дваесет години ја доби нивната единствена борба.

Меѓутоа овие двајца боксери повторно ќе се сретнат во рингот, но само доколку има голем интерес за тоа. Ова за британските медиуми го откри Ленокс Луис.

-Доколку сака јавноста повторно да не види во рингот, ќе ги почнеме преговорите, изјави Луис и ги подгреа страстите на љубителите на боксот.

Заради овие негови зборови се повеќе љубители на боксот се надеваат дека во блиска иднина би можело да има голем спектакл во рингот. Двајцата легендарни борци, кој сега се престари за професионални натпревари најверојатно ќе одработат егзибициона борба.

Тајсон минатата година во ноември боксуваше против Рој Џонс Јуниор, а оваа борба заврши нерешено. Меѓутоа во оваа борба се виде дека „Челичниот Мајк“ е во одлична форма и лесно му задава удари на противникот.

Од друга страна Ленокс Луис би бил далеку поголем предизвик за Тајсон. Британецот во 2002 година го победи Тајсон, но од 2003 по победата над Кличко повеќе нема влезено во рингот.