Ленка, сестрата на починатиот пејач Васил Атанасов: “Мојот драг брат многу патеше“

2481

Таа тврди дека Атанасов “пред пет години имал жестока расправија со синот и од силен стрес завршил во болница, од стресот добил и шеќер, а неодамна паднал и во кома…“

По долго и комплицирано боледување, во Германија каде што живеел, почина добро познатиот македонски фолк пејач Васил Атанасов, кој го отпеа еден од најголемите македонски хитови “Проклет да е кој нè раздели”. Песната со текот на времето стана евергрин и многу омилена кај македонската публика. Впрочем, преку оваа песна луѓето го препознаваа Васил. Питом, чувствителен, народен човек, расположен со секој да комуницира, пријателски настроен. Но… дома меѓу четирите ѕида само тој си знаел како му било. А, воопшто не му било лесно.

Жалната вест за неговата смрт ја сподели (преку ФБ) неговата сестра Ленка. -Драги мои пријатели, на мојот брат и вујко Васил Атанасов, денес ни е најцрниот ден во животот. Почина нашиот најсакан брат и вујко во 5 часот утрово. Ни го откина срцето од болки во овие тешки моменти. Мојот брат Васил Атанасов пред 5 години имаше жестока кавга со својот син Горан Атанасов, сега тој е Влахов по мајка му Влахова, кои ги интересираа само пари да им даваш, а не те прашуваа дали имаш. Синот Горан по наредба од мајка му се откажа од татко му и од неговото презиме.

Мојот сакан брат Васил Атанасов многу патеше поради тоа и од силен стрес доби нерамнотежа на телото. Пред една година лежеше во болница, тогаш го оперираа на вратот, а после таа операција тој се шлогира и не можеше да оди, па дојде дури до количка. Јас Ленка и мојата внука Аница кои сме со него откако падна болен, не го оставивме сам. Како негова сестра го негував, а тој од големиот стрес доби и шеќер. Од шеќерот што го имаше му се разболеа двата бубрега и три недели лежеше во болница во Германија. Со мојата внука одевме по три пати дневно во болница да го храниме затоа што тој не можеше сам да јаде. Три недели беше само на супа. Сношти после вечерата брат ми падна во кома. Утрово кога заѕвони телефонот од болницата ние се стресовме и знаевме што ќе ни кажат. Брат ми Васил Атанасов почина, објасни неговата сестра Ленка.

Огромен број од неговите естрадни колеги се простуваат од својот Васил со тажни зборови, со изрази на длабоко сочувство. Пејачот, сепак, нема да биде погребан во родната Струмица, туку таму во Германија.                                                                   Инаку, за својот живот во Германија, кажуваше дека и самиот не знае дали погрешил што се преселил. Пред да се пресели во Германија, Васил работел во образование како наставник по музичко воспитување. Откако стана професионален пејач сосема и се посветил на естрадата.                                                                                             Имаше големи успеси, многу хитови, фестивалски настапи, но сепак хитот “Проклет да е кој нè раздели“ во неговата интерпретација останува засекогаш за многу идни генерации, песна за која се верува дека е веќе обнародена. (Д.М.)