Ленд принт проект: „Сол“ на Чаповска во Музеј на град Скопје

109

Во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје, на 24 декември (19:30 часот), уметницата Виолета Чаповска ќе презентира фотографии, видео и инсталација од најновиот нејзин ленд принт проект насловен „Сол“, изведен во јули 2018, на Малото Езеро, Пелистер (на надморска височина од 2.180 метри).

„’Сол’ ја продолжува истрагата на Чаповска за локацијата на идентитетот и еколошкиот интегритет на езерото. ‘Сол’ заедно со ‘Малото Езеро’ (1994) и ‘Јас и окото’ (1996), претставуваат три ефемерни проекти кои вклучуваат интервенции со разни елементи во и околу езерото. Основната идеја на проектите е меѓусебна поврзаност на предметите од различни географски, културни и историски локалитети и време во однос на авторот и езерото. Во текот на проектот Чаповска користи сол од Македонија и сол од Австралија (езеро Кристал). Кружејќи, авторот истура од солта и создава бела кристална линија околу езерото… Употребата на сол има повеќеслојни толкувања, најсуштинска е симболиката на нејзината непроменливост, идејата дека солта е беспрекорна, нерасиплива и неуништлива. Трајноста и нејзиниот имунитет кон распаѓање го направија амблем на бесмртност, што е противречно на вечно променливата природа и човечко суштество. Авторката го поставува и прашањето за конзервирање и кревка желба да се заштити езерото“, стои во најавата за проектот со кој се заокружува трилогијата на Ленд Принт проектите на Малото Езеро.