Лекторати во странство и инспекторат – во новиот Закон за македонски јазик

138

Отворање лекторати во странство, електронска база на сите научни истражувања за македонскиот јазик и формирање инспекторат како посебна институција, се меѓу новините во предложениот закон за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик, кој е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и 20 дена е достапен за коментари и забелешки.

Во Предлог-законот се регулира и прашањето на употребата на македонскиот јазик во однос на Законот за јазици, што значи дека македонскиот е прв службен јазик и сите написи ќе мора да бидат регулирани на македонски и на другиот малцински  јазик (албански, турски, српски…). Сите административни тела, особено во судството, како и приватни установи, ќе бидат должни сите текстови што ги издаваат (документи, исправи…) да се лекторирани, притоа не мора да имаат вработен лектор.

Во Предлог-законот се опфатени и проектите за македонскиот јазик и пошироко за македонистиката кои десетина години не се финансираа. Точно ќе се знае финансирањето за сите установи што се занимаваат со наука за да може да добијат средства и да работат на сериозни проекти. Исто така, предвидено е и сите научни истражувања посветени на македонскиот јазик да постојат во електронска база, што е обемен проект.

Во однос на усогласувањето со Законот за прекршоци, целта е да се воспостави паралела со глобите што постојат во Законот за јазици во однос на неупотреба или лоша употреба на македонскиот стандарден јазик. Најважно е што се предлага основање инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како посебна институција во рамки на Министерството за култура.

По истекот на 20 дена за сугестии и забелешки на ЕНЕР, за Предлогот ќе има и јавна расправа која е закажана за 15 јануари во Институтот за македонски јазик, за потоа да почне собраниската процедура.