Лекот „молнупиравир“, кој се зема преку уста и луѓето можат да го земаат дома, може да биде достапен во Европската унија до крајот на годината, изјави за хрватски Дневник, Лука Чичин Шаин, вирусен имунолог во Центарот за истражување на инфективни болести во Брауншвајг.

Лекот ќе им помогне на луѓето со слаб имунитет и на тие кои веќе имаат тешки болести, а моментално се тестира на невакцинирани луѓе во Украина, пренесуваат хрватските медиуми.

– Интересно, сепак, компанијата „Мерк“ го разви лекот „молнупиравир“, што се зема преку уста и луѓето можат да го земаат дома без да мора да одат во болница. Може да почнат да го пијат дури и пред да се влошат работите. Тоа е нешто што е во процес на признавање и сите се надеваме дека резултатите ќе бидат доволно убедливи за да бидат широко користени и дека до крајот на оваа година лекот може да стане достапен во Европа, изјави Шаин за ХРТ.