Лекарската комората најостро ги осудува сите обиди за злоупотреба на професионалните интегритет и авторитет на лекарите преку различни форми на реклами за лекови, помошни средства за лекување, додатоци во исхраната и постапки за лекување во кои се злоупотребуваат нивните идентитет и професионален интегритет. Тие бараат од надлежните институции навремено и ажурно да постапат по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат овие случаи, а граѓаните ги предупредуваат да не ги купуваат, бидејќи ваквите лекови и производи може да содржат материи што сериозно би му наштетиле на нивното здравје

 

Сè почесто сме сведоци на злоупотреба на имињата на еминентни лекари во одредени интернет-реклами кога се промовира некој лек, имунолошки препарат, чај против паразити или некоја современа метода на лекување. Во трката за профит, се рекламираат разновидни препарати со сомнително потекло, а за да се привлече внимание, се поставува слика на познат лекар, кој наводно го промовира и гарантира дека е со добар квалитет.

На оваа листа на злоупотребени лекари и здравствени работници се најдоа и познатиот микробиолог Никола Пановски, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров и хирургот Сашко Кедев. За габични инфекции, со туба в рака на монтирана слика се јавува Тодоров, а Пановски, пак, препорачува чај за паразити. Името на реномираниот кардиолог Кедев, пак, е злоупотребено како автор на лажно интервју и реклама за наводен лек за крвни садови, која постојано се пласира на Инстаграм и на Фејсбук.

Лекарите во неколку наврати јавно побараа помош од надлежните институции. Во нивна заштита деновиве се јави Лекарската комора, како професионално здружение на сите доктори по медицина. Комората најостро ги осудува сите обиди за злоупотреба на професионалните интегритет и авторитет на лекарите преку различни форми на реклами за лекови, помошни средства за лекување, додатоци во исхраната и постапки за лекување во кои се злоупотребуваат нивните идентитет и професионален интегритет.

– Во последно време, стана зачестена појавата на лажни и манипулативни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи што се пласираат на Интернет. Во вакви огласи и текстови, често се појавуваат измислени изјави или интервјуа на вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии, што е целосно незаконски. Лекарите не даваат дозвола за користење на нивните име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати, поради што ова може да се смета за кражба на идентитет, лажно рекламирање и злоупотреба на лични податоци за остварување материјална корист велат од Лекарската комора.

Од Комората бараат од надлежните институции навремено и ажурно да постапат по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат овие случаи, со што би се заштитиле докторите и би се спречило повторување на овие случаи.

Надлежните институции треба да ја интензивираат динамиката со која испитуваат кој, како и за која цел ги поставува овие сомнителни содржини и, согласно со утврдената состојба, да ги санкционираат сторителите. Недозволиво е овие случаи да се игнорираат, и остануваат без правна разрешница. Апелираме лекарите да продолжат да ги пријавуваат овие случаи и јавно да информираат за ситуации во кои без нивна согласност и одобрение, некој се претставува во нивно име или го користи нивниот професионален интегритет – потенцираат од Лекарската комора.

Дополнително, од Комората ги предупредуваат граѓаните дека ваквите производи може да содржат материи што сериозно би му наштетиле на нивното здравје. Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се препишуваат лековити својства кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда, и со тоа се загрозува нивното здравје.

– Поради тоа, би ги посоветувале пациентите, кога одлучуваат да ја променат терапијата, да почнат нова или да вклучат нов препарат во постојната, задолжително да се консултираат со својот матичен лекар или специјалист, бидејќи само тие можат да им помогнат да донесат правилна одлука за нивното здравје и во никој случај не смеат да се поведуваат по реклами на Интернет и по туѓи искуства – реагираат од Комората.

На ова тема, за весникот ВЕЧЕР, се произнесе и Марјана Лончар-Велкова од Организацијата на потрошувачи, која посочува дека пандемијата ги променила навиките за купување лекови и разни медицински препарати. Според Лончар-Велкова, многу од потрошувачите се јавуваат кај нив со поплаки, споделувајќи некое лично негативно искуство и посочувајќи на бројни лажни сајтови и измами.

– Најголемиот дел од поплаките се однесуваат на измамени потрошувачи кои купувале лекови преку Интернет. Тие се жалат на несоодветен квалитет на производот, испорака на производот надвор од предвидениот рок, неможност да се врати производот, бидејќи најчесто не поседуваат фискална сметка – вели за весникот ВЕЧЕР Лончар-Велкова и дополнува дека при купување преку Фејсбук, најчесто се случува продавачот да нема регистрирано онлајн-продавници, односно има само број на телефон и и-мејл, на кој подоцна никој не одговара.

Од ОПМ укажуваат дека во вакви случаи се информира и Секторот за компјутерски криминал при МВР.

(В.Ма.)