-Вечерва заокружуваме една трилогија за нашата легенда Драгомир Шојиќ, документарен филм кој ќе го каже сè она што Шојиќ го сработел сите овие години, заедно со неговите колеги, тамбурашите, од Глечери па сè до денот кога замина во вечноста. Ќе кажам благодарност до неговото семејство, и за големата поддршка и за сите денови кога Шојиќ бил со мене, кога немал доволно време да се посвети на семејството. Нека му е вечна слава, и делата и она што го сработи ќе зборуваат за него, истакна познатиот пејач Нино Величковски, колега и пријател на Шојиќ, завчера во Куманово на промоцијата на документарниот филм за кумановската легенда на тамбурашката музика Драгомир Шојиќ. Филмот е во режија на Ратомир Цениќ и Небојша Илиевски, а по сценарио на Далибор Шојиќ.
Инаку, во самиот филм животот и професионалниот пат на Шојиќ го раскажуваат неговите добри колеги Нино Величковски, Томислав Маниќ, Радослав Шутевски-Шуте, Горан Илиќ, Јордан Плевнеш, Маргица Антевска, Митко Апостоловски и многу други.
Пред еден месец во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ се одржа и изложба на фотографии „Драгомир Шојиќ – човек оркестар“ како и промоција на монографијата „Тамбурата на Шојиќ“.
Шојиќ е роден на 28 ноември 1950 година во Куманово, а почина на 21 август 2018 година.
Завршил нижо музичко училиште во Куманово и средно музичко училиште во Скопје, отсек виолина. Професионално се занимавал со музика, свирел во повеќе кумановски групи и оркестри.
Во 1986 влегува во тамбурашката музика и го формира “Тамбурашкиот оркестар на Драгомир Шојиќ“. Се смета за зачетник на тамбурашкото музицирање во Куманово, поради што редовно учествувал на Кумановскиот тамбурашки фестивал. Во 1990 година неговото свирење е опеано во легендарната песна „Свирете ми тамбури“, која е прогласена за една од 10 песни на столетието.
Драгомир Шојиќ годинава по повод 500 години Куманово, постхумно од градоначалникот на Куманово, доби благодарница за неговиот придонес во промоција на градот.