Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс славеа над Сан Антонио со 121:107 во историски натпревар поради две причини – за првпат во постоењето на НБА лигата, еден кошаркар даде двоцифрен број поени на 1.000 натпревари од регуларната сезона по ред, и првпат како главен тренер на тим беше жена.

Леброн Џејмс, кој наполни 36 години, роденденот го прослави со победа, беше прв стрелец во својот тим со 26 поени и стана првиот кошаркар во историјата кој на 1.000 натпревари по ред дава 10 или повеќе поени. Ова е рекорд кој уште долго време нема да биде урнат, можеби и никогаш. Втор на оваа листа е Мајкл Џордан со 866 меча по ред на кои давал двоцифрен број поени, а од активните втор е Џејмс Харден со 411. Џејмс последен пат помалку од 10 поени (застана на 8) даде во јануари 2007 година против Милвоки. Леброн осумпати играл на својот роденден и секогаш бил прв стрелец во тимот.

Што се однесува до вториот историски момент, кај Спарс, во втората четвртина тренерот Грег Попович беше исклучен, па функцијата главен тренер ја презеде неговата асистентка Беки Хемон. Некогашната ВНБА-ѕвездата стана првата жена која водела тим во НБА-лигата.