Со натпреварот помеѓу актуелниот шампион Милвоки и екипата на Бруклин, кој е закажан по полноќ (среда наутро) во 1:30 часот, стартува новата сезона во НБА лигата. Но, според сите прогнози, Милвоки оваа сезона ќе има тешка шанса да ја одбрани титулата, бидејќи како главен фаворит се наметнува тимот на Лос Анџелес Лекерс.

Раководството на „езерџиите“ имаше доста работа ова лето околу формирањето на ростерот, донесувајќи неколку искусни имиња. Според податоците на „Реал ГМ“ од минатиот месец, просечната возраст на нивните играчи е 30.9 години, цели две години поголема од следниот најстар тим. Тој просек е поголем и од оној на шампионскиот Чикаго со Мајкл Џордан, кој според многумина беше најдобриот состав на сите времиња.

Во обид да го освои својот петти шампионски прстен, Леброн Џејмс немаше друг избор освен да собере таков тим во Лејкерс. Размената за Расел Вестбрук го зеде речиси целиот простор во „селари-капот“ и ги принуди останатите кошаркари од тимот да приофатат да играат за минималец. Но, затоа овие кошаркари знаат дека најлесно можат да дојдат до прстенот.

Лејкерс го доведоа Расел Вестбрук кај Леброн Џејмс и Ентони Дејвис за да формираат своја голема тројка. Но, Леброн ќе наполни 37 години пред крајот на 2021 година, а Вестбрук 33. Во овој состав има уште неколку ветерани како Кармело Ентони (37 години), Двајт Хауард (35), Ражон Рондо (35), Деандре Џордан (33), Тревор Ариза (36), Вејн Елингтон (33).

Меѓу помладите, оние кои се под 30-ка, се Ентони Дејвис, кој има 28 години, Кендрик Нун (26) и Малик Монк (23), а тука секако е и талентираниот Тален Хортон-Такер, кој беше најмладиот играч како дебитант на целата лига.

Повеќето ветерани кои дојдоа во тимот имаат една заедничка цел – да ја освојат титулата во НБА лигата бидејќи ова можеби ќе им биде и последната сезона во кариерата!

Со исклучок на Рондо и Хауард, кои беа шампиони со Лејкерс во 2020 година, но минатата сезона ја поминаа на друго место, додека Ариза ја освои титулата со оваа франшиза заедно со Коби Брајант, останатите кошаркари го бркаат „последниот воз“.

  • Ова е најважната сезона во мојата кариера. Тоа не е притисок, но знам какви се влоговите. Можности како оваа не доаѓаат често во животот и треба да се искористат. Мораме да успееме, инаку ќе биде како она кога не го земавме олимпиското злато во 2004 година со националниот тим, истакна Кармело, потсетувајќи на еден од најмрачните моменти во историјата на американската кошарка.

Меѓу овие кошаркари кои се во Лејкерс, најмалку шестмина ќе бидат дел во „Куќата на славните“ по завршувањето на кариерата. Таа колекција супер-ветерани на хартија изгледа фантастично, иако повеќето од нив своите најдобри денови ги гледаат само во ретровизор.

Затоа е важно да се истакне дека, освен Вестбрук, ниту еден од овие ветерани нема да има улога на носител, но од сите ќе се очекува да исполнат одредени улоги во одредени натпревари против одредени ривали. На еден натпревар може да одигра 25 минути, на следниот дури и да не влезе.

Џејмс и Дејвис се староседелци и најголеми sвезди, имаат изградено динамика и многу добро се разбираат на теренот. Во размена со Вашингтон, пристигна Вестбрук, кој честопати не се сложува со никого. Факт е дека Расел дава „200 проценти“ во секое време, но во таа негова желба често пати носи сомнителни одлуки во жарот на борбата, за што сведочи просекот од повеќе од четири загубени топки и едвај 30% шут за тројка во текот на неговата кариера.

Вестбрук е трипл-дабл машина, во моментов има 184 и воедно го собори рекордот на Оскар Робертсон кон крајот на минатата сезона. Тој имаше трипл-дабл просек во четири од последните пет сезони – три пати во Оклахома, каде што беше главен „газда“, и минатата сезона во Вашингтон, каде што играше заедно со најдобриот стрелец во лигата, Бредли Бил.

Но, тука главниот збор ќе го има „кралот“ – Леброн. Тој е чудо на природата и апсолутно најдобриот 36-годишник кој некогаш играл кошарка, неговата издржливост, перформанси и отпорност на повреди опаѓаат по малку од година во година откако пристигна во Лејкерс. Во својата прва сезона, тој се здоби со повреда што го чинеше не само да ја прекине серијата од осум финалиња, туку воопшто да влезе во плејофот. Втората сезона беше прекината поради пандемијата, па во плејофот беше сосема свеж во походот кон новиот четврти прстен. Но, немаше време за соодветен одмор до почетокот на следната сезона, па тоа на крајот резултираше и елиминација уште во првото плејоф коло.

Сега повторно е целосно свеж, а Вестбрук, со вклопување во својата нова улога, треба да се погрижи Џејмс да дојде до петтиот прстен, додека за многумина прв. Но, во претсезонските мечеви „езерџиите“ играат очајно и ги загубија сите шест натпревари, па многумина се прашуваат дали овој тим ќе успее набрзина да се рехабилитира од шлаканиците кои ги добија. Сепак, тимот од „градот на анѓелите“ речиси секоја сезона ја темпира формата, па иако на почетокот е „раштиман“, како одминува сезоната тој изгледа се помоќно.

Инаку, според бројни обложувалници, втори кандидати за титулата се Бруклин, иако овој тим има големи проблеми со Кари Ирвинг, кој не сака да чуе за вакцинација. Тоа може сериозно да го здрма тимот, но од друга страна „нетси“ имаат усше два адута во ракав – Кевин Дурант и Џејмс Харден.