EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Леброн Џејмс е во одлична форма, што го потврди и на последниот меч во НБА-лигата. На дуелот против Њујорк во арената „Медисон сквер гарден“, тој запиша 28 поени со кои му се доближи на Карим Абдул-Џабар, кој е прв на вечната листа на поени. Сега му недостигаат уште 89 поени, кои, секако, ќе ги надмине оваа сезона и со кои ќе биде рекордер во уште една статистичка категорија.

Во блескавата кариера, Џабар постигна 38.387 поени и постави рекорд за кој малкумина сметаа дека може да биде соборен. Ако продолжи Џејмс да постигнува поени колку што постигнува просечно, тоа ќе се случи за помалку од десет дена.

Што се однесува до натпреварот, Лејкерс славеше по продолжение со 129:123, а Кралот на овој натпревар стана првиот играч во историјата на НБА кој постигнал најмалку еден трипл-дабл во 20-тата сезона во најсилната лига во светот.

Покрај 28-те поени, тој придонесе за оваа победа и со 10 скока и 11 асистенции.

На последните пет натпревари, тој постигна 28, 41, 20, 46 и 37 поени, односно само еднаш отиде под својот просек.

Исто така, Леброн е четвртиот најдобар асистент на сите времиња (10.338 додавања) откако со 11-те асистенции ги мина Марк Џексон (10.334 асистенции во кариерата) и Стив Неш (10.335). Џон Стоктон (15.806) е на врвот од листата на најдобри асистенции во историјата на НБА, пред Џејсон Кид (12.091) и Крис Пол (11.246).

Заедно со Џејмс, во победата на Лејкерс се истакна Ентони Дејвис со 27 поени и девет скока. Кај Никс, најдобри беа Џејлен Брунсон со 37 поени и шест асистенции и Џулиус Рендл со 23 поени, 12 скока и пет асистенции.

Резултати: Кливленд – Мајами 97:100, Њујорк – ЛА лејкерс 123:129 (прод.), Чикаго – ЛА клиперс 103:108, Милвоки – Шарлот 124:115, Денвер – Њу Орлеанс 122:113.