Лашет убеден дека ќе биде кандидат за канцелар од редовите на конзервативците

76

Претседателот на Германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Армин Лашет, рече дека е убеден дека ќе добие согласност од партијата да стане кандидат за канцелар на претстојните парламентарни избори, и покрај конкуренцијата од Баварецот Маркус Зедер, лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Претседателството на ЦДУ, партијата на Ангела Меркел, треба да има средба денеска за да го одреди првиот правец, по официјалното објавување викендов за кандидатурата на двајцата политичари за таа позиција.

На прашањето дали ќе има поддршка од мнозинството од партијата, Лашет синоќа за телевизијата Билд изјави дека „тргнува од принципот дека ќе биде така“, иако не сака да го прејудицира исходот.

„Знам што мислат претседателите на регионалните сојузи“ на партијата што учествува во тоа раководно тело, рече Лашет, но додаде и дека не сака да зборува однапред и дека треба да почекаме да видиме што ќе се случи.

Главен ривал на Лашет меѓу конзервативците е шефот на баварската сестринска ЦСУ, Зедер, кој вчера и официјално ја објави својата кандидатура за претставник на конзервативците за иден канцелар. Зедер, сепак, рече дека ќе влезе во трката за канцелар само доколку ЦДУ, многу посилна партија на национално ниво, го побара тоа од него.

Раководството на ЦДУ се очекува да донесе одлука за ова во следните две недели.

Раководството на ЦДУ денеска нема да донесе официјална одлука за својот кандидат за канцелар, но тоа може да укаже на тренд по првиот круг на гласање за време на состанокот. Ако нема некое изненадување, партијата би требало да го поддржи својот претседател или да ризикува да му го одземе кредибилитетот на целото движење, пренесуваат германските медиуми.

Извор: МИА