Лацио попушти, СМС ќе биде продаден

57

Последниот потег кој го направија раководните лица на римскиот калчолигаш Лацио, е јасен сигнал дека клубот најпосле е подготвен да стави крај на соработката со српскиот интернационалец, Сергеј Милинковиќ-Савиќ.

Како што јавува „Калчомеркато“, првиот човек на „светлосините“, Клаудио Лотито, кој до пред неколку дена бараше 100 мил. евра за обештетувањето на одличниот играч за врска, сега ја има намалено неговата цена на 70 мил. евра.

Лотито тоа го нема направено поради лошата форма на СМС, кој и понатаму е еден од најдобрите фудбалери во дресот на Лацио, туку поради економската ситуација во Италија која е пред колапс поради пандемијата со смртоносниот вирус Ковид-19.

Пред една недела италијанските медиуми открија дека актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, има испратено официјална понуда вредна 60 мил. евра, но претседателот на калчолигашот сака да извлече уште најмалку 10 мил. евра од „светците“. Доколку се пресели на „Паркот на принцовите“, српскиот интернационалец ќе добие шанса да соработува со Неимар и Килијан Мбапе. Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо се обиде да ги осигура услугите на СМС уште во времето кога беше директор на Милан, но во тоа време Лотито побара 120 мил. евра за услугите на Сергеј.

Леонардо и понатаму останува на ставот дека СМС вреди 60 мил. евра и планира да ја примени истата тактика со која ги осигура услугите на аргентинскиот интернационалец Мауро Икради. И раководните лица на Интер бараа околу 70 мил. евра за услугите на Икарди, но на крајот ја прифатија понудата вредна 60 мил. евра.