Ласкави критики: Трпчески во Даблин и Лондон –дојде, отсвири и освои

55

„Тој дојде, отсвири и освои“ – вака Ендрју Ларкин, критичар на „Бахтрек“,  ја почнува рецензијата насловена „Вонсериска изведба на Симон Трпчески во Даблин“, продолжувајќи дека изведбата била со „беспрекорна елеганција, исполнета со длабока промисленост, а поткрепена со колосална техника, која и не можеше да стори ништо друго освен да ги одушеви присутните“.

Рециталната турнеја во Даблин и Лондон на нашиот светски познат пијанист беше пропратена со овации и ласкави критики, истакнува КултурОп.

Во Даблин освен концертот Трпчески одржа и мастерклас за кој исто така имало голем интерес. На програмата биле помалку познати романтични дела од Брамс и Лист, а вториот дел од рециталот им бил посветен на руските композитори (Прокофјев и Мусоргски/Римски-Корсаков). Публиката во Даблин со воодушевување ја проследила и изведбата на евровизиската победничка песна „Hold me now” од Џони Логан.

Рециталот во лондонски „Барбикан“ во вторникот бил најавен како настап на „пијанистот со харизма и виртуозност“.

Критичарот на „Артс Деск“, Дејвид Најс во насловот го нарекува Трпчески „харизматичен камелеон“, објаснувајќи го епитетот со понуденото изведувачко богатство „лавиринтот на Брамс, блескавиот Лист и Русите кои меланхолијата ја заменуваат со лудило“.

Мартовската концертна серија на Трпчески продолжува во САД, Шпанија, Хрватска и повторно во Велика Британија. Д.Т.