Македонија го одржува темпото на спроведување на реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатераните прашања со Бугарија, порача еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји од Економскиот форум што се одржа онлајн вчера во Тирана. Вархеји рече дека новата методологија во Унијата влијаела на нацрт преговарачките рамки за Албанија и за Македонија, а земјите членки се уште не постигнале согласност и дискусиите продолжуваат. Тој, сепак, се надева дека првите меѓувладини конференции ќе се одржат што е можно поскоро, за време на португалското претседателство со Унијата.

 – Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите. Северна Македонија задржа стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите, посебно во делот на фундаменталните услови. Важно е да се изнајде заеднички прифатливо решение за билатералните прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија брзо, изјави Вархеји во обраќањето во однос на Македонија.

Вархеји ја пофали новата методологија за преговори благодарение на која се надмина ветото на Франција за почетокот на преговорите со Албанија и Македонија.

-Оваа нова методологија веќе се одразува во нацрт преговарачките рамки за Албанија и Северна Македонија. Земјите членки сѐ уште не постигнале договор за нив и разговорите продолжуваат во Советот. Ги поддржуваме овие напори и се надевам дека првите меѓувладини конференции ќе можат да се свикаат што е можно поскоро под португалско претседателство, изјави Вархеји.

Еврокомесарот потсети дека ЕУ ветила дека целиот регион на Западен Балкан ќе биде дел од Унијата, но и дека нивните партнери во регионот ветиле дека ќе испорачаат реформи за тоа да стане реалност. Реформите, како што кажа, некогаш се одвивале бавно, што беше причина некои од земјите членки да го доведуваат во прашање процесот на проширување и да не се согласуваат тој да продолжи.

-Од друга страна, многу често ЕУ не успеваше да одговори позитивно и едногласно кога партнерите од регионот покажаа резултати во реформите, призна Вархеји.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, порача ЕУ да ги исполни ветувањата за Западен Балкан додека ние го европеизираме нашето општество за да ги постигнеме стандардите за нашите граѓани кои природно се дел од европското семејство. Заев потсети дека Македонија беше првата земја од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, а само 4 години подоцна стана и земја кандидат на членство во ЕУ, но 16 години подоцна земјава се уште е во чекалната на ЕУ.

 -Изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање, но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Северна Македонија. Мојата земја била, е, и ќе биде крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома, рече Заев.

Тој додаде и дека Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа.

-Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик, рече Заев.

Еден ден откако беше објавено дека Македонија не ги исполнила условите за да добие дел од Фондот за солидарност на ЕУ, премиерот на овој форум се заблагодари за помошта која досега и беше дадена на земјава и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици заради кризата со КОВИД-19.

-Ковид кризата не забави, но нема да не запре. Мојата Влада има чист политички легитимитет потврден на парламентарни избори кои се одржаа пред нешто повеќе од 6 месеци и тој легитимитет ќе го впрегнеме во полна сила да работи за доброто на нашите граѓани. Остануваме отворени како и што сме биле до сега но нема да чекаме некој да ни каже каде треба да се подобриме. Доволно сме капацитетни да го направиме тоа сега и веднаш, рече Заев.

На панелот, покрај вархеји и Заеев, учествуваа и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, како и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија. (В.С.Н.)