Лавров: Западот ѝ објави тотална војна на Русија

45

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги обвини западните држави дека водат „тотална војна“ против Русија, рускиот народ и култура.

– Западот ни објави тотална војна, на целиот руски свет. Културата на откажување на Русија и сè што е поврзано со нашата земја веќе доаѓа до апсурдни ситуации, истакна Лавров.

Тој додаде дека „со сигурност може да се каже дека таква ситуација ќе биде присутна уште долго време“.

Според Лавров „САД и нивните сателити ги удвојуваат, тројно, четирикратно ги зголемуваат своите напори против нашата земја“ со „користење на широк опсег на алатки, од еднострани економски санкции до лажна пропаганда во глобалниот медиумски простор“.

– Во многу западни земји, секојдневната русофобија стана втора природа. Тоа е без преседан. На наше големо жалење, таквото однесување е поддржано и охрабрено од владите во голем број земји, посочи Лавров.