К-15 годинава е 10.600 денари, ССМ бара да се исплати во јули за да се користи со ваучерите

14857

Работниците и оваа година и покрај здравствено-економската криза треба да добијат регрес за годишен одмор, познат како К-15, смета Сојузот на синдикатите на Македонија.

Регресот им следува на сите кои во една компанија работеле непрекинато шест месеци во текот на календарската година, со што по правило се исплатува од почетокот на јули до крајот на декември. Најнискиот износ на К-15 што треба да се исплати е еднаква на 40 проценти од просекот на трите последни просечни нето плати исплатени на ниво на држава што ги објавува Државниот завод за статистика. Според таа пресметка како регрес за годишен одмор на сметките на работниците во приватните компании треба да легнат најмалку по околу 10.600 денари. Ова е за само 600 денари повеќе од  ланскиот К-15, а причина за тоа што од февруари до април, за кога е последната статистика, просечната плата е намалена за околу 1.400 денари.

Од ССМ бараат работодавачите да исплатат регрес за годишен одмор на почетокот на јули кога и најголем дел од работниците го исполнуваат условот за негово добивање согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

– Бараме и останатите работодавачи во согласност со Гранските или Колективните договори на ниво на работодавач да го сторат истото на почетокот на јули. Со оглед на можноста од користење на ваучерите за домашен туризам на сите граѓани кои ги исполнуваат условите кои ги додели Владата и исплатата на К-15, македонските работници,  особено оние со пониски примања, ќе можат да си дозволат годишен одмор за своето семејство, а со тоа ќе бидат поддржани и туристичко-угостителски објекти низ државата кои во изминатиот период беа најпогодени поради нивното неработење, наведува ССМ.

Синдикатот ги повикува работниците ваучерите  и К-15 да ги користат исклучиво во туристичко-угостителски објекти во кои има организирано синдикат и каде што не се кршат правата на оваа категорија на работници. Со тоа, како што велат ќе се придонесе и спречи несовесни работодавачи да ги злоупотребат парите на работниците и да ги кршат нивните права.

(С.В.)