Куќи и угостителски објект нелегално приклучени во Усјенскиот канал

437

Продолжува контролата на Усјенскиот канал, откако во изминатиот период до Инспекторат на град Скопје пристигнале поплаки од граѓани во однос на непријатна миризба и сомневање за нелегално испуштање на отпадни води во Усјенскиот канал.

Притоа, како што информираат од Инспекторатот, лоцирани се нелегално приклучени куќи на физички лица во каналот. Исто така, нелегално приклучување е констатирано и кај еден угостителски објект.

Како што информираат од Инспекторатот, во согласност со законот за комунални дејности, се преземаат сите законски мерки, а контролата продолжува и наредниот период.

Претходно, бил спроведен координиран вонреден инспекциски надзор заедно со Државен инспекторат за животна средина и ЈП „Водовод и канализација“на атмосферскиот канал, кој поминува низ фабриката Титан Цементарница Усје.

Притоа, како што информираат од инспекторатот, било констатирано оштетување на дел од атмосферскиот канал и направен е записник од страна на овластени комунални инспектори.

-Правното лице е задолжено да постапи и да ги отстрани недостатоците утврдени при надзорот. Координираните надзори ќе продолжат и во иднина сè со цел решавање на овој долгогодишен проблем на граѓаните кои живеат во тој дел од градот Скопје -нагласуваат од Инспекторатот на град Скопје.

(А.П.)