Куќата во Литванија, каде ЦИА ги мачела затворениците оди на продажба/ВИДЕО

284
Фото: Youtube

Челичниот објект лоциран недалеку од литванската престолнина Вилнус, каде затворениците на ЦИА обвинети за тероризам биле држени во самица, изложени на постојана светлина и звуци со висок интензитет, наскоро ќе се најде на продажба, пишува британски „Гардијан“.

Владиниот фонд за недвижности, кој управува со средства кои повеќе не и се потребни на државата, во понеделникот соопшти дека се подготвува да ја продаде озлогласената „црна локација“ позната како Проект 2 или Detention Site Violet, по сè уште непозната цена.

Зградата со десет соби служела како центар за притвор во 2005 и 2006 година како дел од тајната програма на Вашингтон „итни испораки“, според која осомничените исламистички милитанти од конфликтите во Авганистан и Ирак биле заробени и одведени во затвори надвор од САД.

Според прелиминарните информации, затворениците таму биле мачени со светлина и бучава и биле чувани во самица, а официјално е потврден само еден случај, Палестинецот Абу Зубаид. Литванската влада му платила отштета од 100.000 евра.

Зубаид беше фатен во Пакистан шест месеци по 11 септември, под обвинение дека е висок член на Ал Каеда. Оттогаш тој е задржан без обвинение, но малку е веројатно дека ги претрпел најбруталните облици на тортура што ги користела ЦИА на други места во Литванија. Во Тајланд, каде што исто така бил затворен, во еден месец бил потопен во вода 83 пати, а во Литванија бил подложен на лишување од сон, силна бучава и остра светлина.

„Во просториите без прозорци, кои се и звучно изолирани“, можеше да се направи што и да се посака“, изјави за Ројтерс, Арвидас Анусаускас, кој ја водеше парламентарната истрага за локацијата во 2010 година, пишува Гардијан.

„Што точно се случувало таму, не утврдивме“, вели тој.

На сослушувањето во Европскиот суд за човекови права во 2018 година, беше кажано дека приведените на местото кое од 2007 до 2018 година го користела литванската разузнавачка служба како центар за обука, по пристигнувањето биле избричени, дека имале врзани очи или качулки над главите и дека имале окови на нозете.