Специјално обучени кучиња ќе бидат еден од клучните безбедносни фактори за гледачите на натпреварите на Мајами хит во иднина, бидејќи тие се интегрирани во безбедносниот прстен за откривање на носачи на коронавирус, објави клубот од Флорида.

Овој план е внимателно подготвуван со месеци, па затоа не е идеја од вчера да се ангажираат кучиња во безбедносна контрола, само што за прв пат ќе имаат посебна задача, прва од ваков вид – буквално да мирисаат заразени со коронавирус.

Во Мајами велат дека првиот натпревар на кој кучињата ќе ги „пречекаат“ навивачите ќе биде дуелот против Лос Анџелес Клиперс, кој ќе може да вклучи и намален број на лица кои имаат билети во претплата, максимум 2.000.

Ова е прв пат Мајами да отвори сала за одреден број луѓе, досега тие беа само членовите на семејствата на играчите, кои меѓу другото ја тестираа способноста на специјално обучените кучиња да почувствуваат дали некој е заразен со коронавирус.

Употребата на кучиња за безбедносни цели, се разбира, не е од вчера, тие се стандарден дел од безбедносниот протокол кога станува збор за откривање на експлозивни направи во сали, а сега се впрегнати да ја решат најголемата чума на човештвото со нивното чувство за мирис.

  • Ако размислите малку подобро, кучињата-трагачи не се ништо ново во вакви работи. Ги гледате на аеродромите, во некои чувствителни и ризични полициски и воени мисии. Користевме кучиња со години за да откриеме експлозив, вели Метју Џарфаријан, главен извршен директор за деловна стратегија во Мајами.

Мајами ја распродаде салата дури 451 пати по ред до пандемијата на ковид-19, што е шести најдобар учинок во историјата на НБА, па логично е клубот со такви верни навивачи да реши да биде чекор пред другите со цел што побрзо да ги врати навивачите на арената.

Имено, секој што ќе дојде на натпревар ќе мора да помине покрај стаклото зад кое има куче. Ако кучето оди постојано по лицето, тоа е знак дека тој не е заразен, но ако седне, тоа ќе биде сигнал дека почувствувал присуство на коронавирусот. Во тој случај, на тоа лице нема да му биде дозволено да влезе во салата.