Курбан ќе отидат 27 дрвја за да се гради градинка за 350 деца во Чаир 

186

Екипи на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска на улицата „Ќемал Сејфула“ бб во Чаир почнаа со сечење на 27 дрвја, поради, како што информираат од Градот, реализација на правосилно одобрение за градба на оваа локација.

Имено, на ова место, Министерството за труд и социјална политика ќе изгради градинка за деца. Градските власти потенцираат дека барателот е должен по завршувањето на градежните активности да го надомести исеченото зеленило согласно Законот за урбано зеленило.

Од Министерството за труд и социјална политика, потврдија дека е потребно да се исечат дел од дрвјата затекнати на локацијата, за што е добиена и дозвола од Град Скопје.

– Во проектот за новиот објект, има предвидено и партерно уредување на дворот на градинката со зеленила и дрвја – потенцираат од Министерството за труд и социјална политика.

Оттаму информираат дека во согласност со потребите на населеното место за поголем капацитет на објект за згрижување на деца во предучилишна возраст, во општината Чаир, предвидена е изградба на објект/градинка на улицата „Ќемал Сејфула.

– Габаритот на стариот објект беше значително помал од новопредвидениот, со оглед на потребите на оваа општина од згрижување на поголем број на деца. Имено, се работи за градинка со капацитет од 350 деца – велат од Министерството за труд и социјала политика.

Во тек се подготвителните активности, објектот е целосно урнат, моментално се отстрануваат темелите и се собира градежниот шут.

Објектот се гради со средства од буџетот на Министерството за труд и социјална политика изведување на градежни работи за изградба на детска градинка и набавка. Овој објект треба да биде готов во 2022 година.

И од Општина Чаир потврдија дека поднеле барање до Министерството за труд и социјална политика да им помогнат во изградба на градинка заради зголемениот број на деца.

(А.П.)