„Купи куќа, купи стан“ со намалени каматни стапки и зголемено учество на државата од 50 на 70 %

Покрај намалувањето на каматните стапки друга поволност е зголемување на учеството на државата од 50 на 70%.Тоа практично значи дека државата плаќа 70% од месечната рата во првите пет години или 70% од учеството за станот или куќата кои граѓанинот ги одбрал

289

Каматната стапка за проектот „Купи куќа, купи стан“, кај моделот каде државата ја субвенционира ратата  за првите три години е намалена од 3,95% на 2,9%. За четвртата и петтата година каматите се намалени од 4,44% на 3,9%. И кај моделот каде се субвенционира учеството каматната стапка е намалена и наместо стапка од 4,5% + 6-месечен Еурибор, со измените каматата е 4% + 6-месечен Еурибор, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска во врска со измените и поволностите за проектот „Купи куќа, купи стан“ од јуни годинава.

Покрај намалувањето на каматните стапки друга поволност, како што рече министерката е зголемување на учеството на државата од 50 на 70%.

-Се работи за воведување на нови поволности за младите до 35 години кои можат да користат 70% учество и кај ратата и доколку го одберат моделот на субвенционирање на учеството. Тоа практично значи дека државата плаќа 70% од месечната рата во првите пет години или 70% од учеството за станот или куќата кои граѓанинот ги одбрал, појасни Ангеловска.

Третата поволност е во насока на зголемување на наталитетот, за секое новородено или посвоено дете во првите десет години од користење на проектот се доделува 30% дополнителна субвенција во текот на една година.

Во текот на 2019 година одобрени се вкупно 97 апликации, односно  субвенционирани кредити. Вкупната вредност на сите кредити е 3,6 милиони евра од кои учеството на државата е 1,1 милион евра. Само во последните три месеци, септември, октомври и ноември за оваа намена одобрен е 61 кредит. Од вкупно 97 одобрени кредити, 48 се на млади до 35 години, од кои 71 се за станови, а 26 за куќи. До крајот на годината од Министерството за финансии очекуваат да има вкупно 150 апликации.

Таа рече дека 125 милиони денари се планирани во 2020 за овој проект, а според пресметките на министерката, ако еден стан на крајот чини 50.000 евра, држава во таа сума учествува со 12, 5 илјади евра.

За да аплицираат за проектот, граѓаните мора да имаат заеднички приходи под 1.300 евра доколку се во брак, или под 900 евра доколку не се во брак. Исто така, за да аплицираат не смеат да имаат друг станбен кредит и треба да ги исполнуваат кредитните услови на банката.

За сите подетални информации за субвенциите што ги нуди државата и за понудите од градежните компании и на банките за проектот „Купи куќа, купи стан“ граѓаните можат да се информираат на претстојниот саем во Сити мол кој ќе започне за три дена, а ќе трае до 8 декември. (А.С)