Легендарниот Роналд Куман го состави идеалниот тим на Барселона од играчи кои некогаш играле за каталонскиот гигант, а тоа донесе револт кај повеќето шпански медиуми поради изоставувањето на неколку ѕвезди.

За поранешниот играч и тренер на најсилниот каталонски клуб во идеалниот состав немаше место за великани како Диего Марадона, Роналдо, Роналдињо,Ромарио, Ривалдо…

Идеалниот состав на Барса за Куман е: Андони Зубизарета – Дани Алвеш, Карлес Пујол, Хавиер Маскерано, Жорди Алба – Јохан Нескенс, Чави Ернандез, Андрес Иниеста – Лео Меси, Јохан Кројф, Христо Стоичков.

Во него нема место за Диего Марадона, за многумина најдобриот фудбалер на сите времиња, а причина за тоа според Куман е тоа што Аргентинецот не го имал најдобриот фудбал во Барселона. Го нема ниту бразилскиот напаѓач Роналдо, кој блескаше во тимот со 47 гола и 12 асистенции на 49 натпревари, но за овој тим одигра само една сезона.

Ги нема ниту Роналдињо, ниту Ромарио, играчи кои беа прогласени за најдобри во светот, а место во идеалниот состав не се најде ниту за Ласло Кубала, стрелецот на 193 гола на 253 натпревари за Барса.