Куманово ќе добие Младински центар

40

Куманово ќе добие Младински центар, одлучи едногласно Советот на општината на 61. седница.

Младите од градот ќе имаат можност заеднички да креираат проекти од кои бенефит ќе има оваа категорија граѓани. Советниците од различните партии се сложија дека одлуката треба да се донесе во интерес на младите без разлика што е предизборен период.

– Формираме центар со кој ќе раководат младинските организации од нашиот град, со заедничка цел, без разлика на политичка верска или која било друга поделба сите заеднички ќе работат во духот на мултиетничноста и во духот на подобар и побогат живот на младите во нашиот град – изјави Соња Тодоровска, советничка од СДСМ.

Младинскиот центар ќе биде место каде што ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите.

– Горда сум што сум дел од овој совет што донесовме една таква организација во која младите од Куманово ќе бидат заедно, ќе творат и ќе градат за поубаво општество во Куманово – изјави Слаѓана Ѓорѓиевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно одлуката, со центарот треба да раководи избрана и регистрирана младинска организација, со над петгодишно искуство и ќе треба да поднесе буџет, портфолио, програма. Дел од средствата за реализација на програмата ќе треба да ги обезбеди општината.