Културно наследство: Водици во Битуше – обичај кој заслужува да биде заштитен и од УНЕСКО

2636

 “Автентичноста на празнувањето Водици во Битуше е изразена преку висок степен на присутност на изворното негување на верувањата, сродството, традиционалните носии, обредните песни, ора и зачуваноста на обредните реквизити кои се користат, пред сѐ литискиот крст во секое од кумствата“, се вели во образложението на одлуката на Владата ова празнување да биде прогласено за културно наследство од особено значење

Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за еден народ, проучувај ја неговата историја, ако сакаш, пак, да го разбереш духот на тој народ, научи ја неговата народна култура, неговата традиција, обредите и празнувањата… Токму едно такво празнување – Водици во Битуше кое обединува вековни обичаи на македонскиот народ од Западна Македонија, е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Со ова, Битуше и битушките обичаи конечно го добија своето заслужено место меѓу заштитени нематеријални културни добра.

“Со прогласување на Водици во Битуше за културно наследство, овозможува и негово зачувување и афирмација во неговата автентична и интегрална форма која ја негува локалната заедница на селото… Како комплексен вид на нематеријално културно добро кај Македонците од Мијачијата, согласно Националната класификација припаѓа на групата обичаи од годишниот циклус, тип на обредни ора, и поттип на женски поворки. Автентичноста, пак, е изразена преку висок степен на присутност на изворното негување на верувањата, сродството, традиционалните носии, обредните песни, ора и зачуваноста на обредните реквизити кои се користат, пред сѐ литискиот крст во секое од кумствата“, се вели во образложението на одлуката донесена од страна на Владата.

Традицијата е дел од идентитетот на секој народ и во неа е вткаен културниот и креативниот дух на многу генерации. Преку обичаите и обредите остава траен белег и ги прави луѓето посебни, препознатливи.

Село кое лежи на лековити извори

“Битуше не е обично македонско село. Лежи на лековити извори и 22 чешми. Тоа е село во мијачкиот дел од Македонија, под планината Крчин, каде што на еден невообичаен начин се испреплетени природните убавини, историјата, традицијата, фолклорот… И во кое до ден-денешен се сочувани древните обреди за големите христијански празници”, вели во монографијата “Празнувањето на Водици во Битуше…”, авторката м-р Елизабета Арсоска.

Инаку, Водици во селото Битуше припаѓа на божиќно-новогодишниот циклус зимски празнувања со кои завршуваат т.н. некрстени денови. Празнувањата започнуваат на 13 јануари, а кулминираат со т.н. Машки Водици (19 јануари), а завршуваат на Женски (20 јануари) Водици. Обредно-обичајните дејствија кои се изведуваат се од црковен и народно-христијански карактер главно поврзани со култот на водата и нејзината прочистителна моќ. Интересно и воедно уникатно е тоа што заедницата на село Битуше е поделена на две кумства. Тие, пак, практикуваат бројни обредни дејствија, а меѓу поважните се: „давање збор за земање крст“, „кревање обредни лебови“ пропратено со обредни песни, „зовење“ на обредната поворка кумстарки, кои пак имаат исклучително важна улога во одржувањето на ова нематеријално добро како живо наследство.

Тие во својата традиција ги негуваат и пренесуваат на помладите генерации знаењата и вештините за обредната софра, за верувањата поврзани со празникот, за обредните песни и обредното „Св. Јованово оро“ кое се изведува со 11 обиколки во црковниот двор на локалната селска црква „Св. Архангел Михаил“. Бројни се и други обредни дејствија како „правење софра“ за простување со старите кумови, „испраќање и дочекување на ајазмото“, „обредна обиколка“ по куќите само кај членовите на кумствата, обичајот „по крсти“ за обредно фрлање на крстот како заедничко чествување на целата заедница, „кревање на кумството“ кое е централен настан што го изведуваат женските поворки – кумстарки во секое од братствата (кумствата), „обреден ручек“ за сите членови на кумствата, одење „на бак’рда“, „с’ поклон“ и на „именден“…

Заслужуваат да бидат сочувани од заборав

Како вистински раритет во целиот христијански свет, обредите за прославата на Водици во Битуше, заслужуваат да бидат сочувани од заборав, пошироко афирмирани и заштитени од светската организација УНЕСКО како нематеријално културно богатство. Според м-р Ивона Опетческа-Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културно наследство, пак, одлуката за аплицирање во УНЕСКО ја носи Националната комисија врз основа на апликацијата.

“Сега е најважна негова промоција како заштитено културно наследство и популаризирање, а локалната заедница треба да преземе разни иницијативи. Процедурата за УНЕСКО е подолготрајна и започнува со иницијативата на носителите до изработувачот на елаборатот (во случајов Институтот за старословенска култура во Прилеп). Но крајната одлука е на Владата. Министерството за култура, пак, ќе треба и да помага на најразлични начини, советодавни и финансиски, за зачувување на ова нематеријално културно наследство за што постои и посебен фонд. Во моментов, на национално ниво заштитени се 70 добра, а уште за 38 сме во процедура“, вели Опетческа-Татарчевска. (Д.Т.)