Културно-уметничкото друштво “Илинден“, горди чувари на македонската традиција, годинава одбележуваат 65 години од своето основање, но и исто толку културно творештво.

Во далечната 1955 официјално е земено името Илинден за ова друштво, иако како фолклорна група постои и неколку години пред тоа. КУД “Илинден“ во текот на своето постоење, ги освои сите светски меридијани и светски сцени, пренесувајќи го македонскиот фолклор. Секоја година тие бележат од 40 до 100 настапи. Јубилејната програма, пак, според организаторите се состоеше од ревија на народни носии која се одржа вчера и вечерашниот концерт на традиционална музика и игра.

“Заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, одбележувањето на овој значаен јубилеј се одвиваше согласно соодветните протоколи. Сепак покрај онлајн претставувањата и учеството на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, се одлучивме за јубилејна програма во август, која е само дел од прославата“, велат од КУД “Илинден“, додавајќи “Илинден е извор од кој се пие првата голтка љубов кон народната култура“.

Инаку, ревијата со богата колекција на оригинални носии се одржа во КЦ Магаза, а концертот ќе се одржи вечерва во амфитеатарот на Тумбе кафе.


“Бидејќи имаме богат фундус на носии од повеќе региони се одлучивме за ревија на народни носии (преку 30 машки и женски комплети). Во подготовка е и монографија за КУД “Илинден“ која би требало да да излезе во октомври или ноември. Тоа ќе биде прв позначаен пишан документ што го имаме во овие 65 години и сакаме да биде репрезентативно и да зборува за се што се случувало. Истовремено и да остане како документ за помладите генерации“, вели Борче Димитровски потпредседател на КУД “Илинден“.

КУД “Илинден“ во својот состав има 320 членови, кои активно учествуваат во зачувувањето на македонските традиционални игри и песни. Инаку, пред две години покрај многубројните настапи на КУД “Илинден“ беше потпишана и повелба за збратимување со КУД “Далмација“ од Дуги Рат, Хрватска.