Многумина го познаваат гласот на македонскиот музичар од Њујорк, Крсте Роџевски, по песните што се најдоа во филмовите на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“ и „Сенки“, потоа филмот „До балчак“ на Столе Попов за кој музиката ја правеше Дуке Бојаџиев, на чии соло-албуми повторно гостува тој…

Крсте, веќе речиси две децении живееш и работиш во Њујорк. Од твоја гледна точка, какво место е Њујорк кога станува збор за музиката и културата? Што е тоа што го прави посебно и специјално во однос на други големи места на светот?

Њујорк е огледало каде што ќе видиш колку вредиш, кој си, до каде си, од каде доаѓаш и каде би можел да одиш, ако не ти е страв. Без разлика на професијата. Њујорк е како родител што не ти ги става цртежите на фрижидер и не те фали колку си паметен и талентиран, нешто од типот „на мајка тој“.

Нема милост, нема место за самобендисаност и суета. Секое дело и успех тука траат неколку минути и одиме понатаму. Има огромна конкуренција, американска работна етика и труд, голема скромност, талент и анонимност. Една верзија на уметнички капитализам

Нема милост, нема место за самобендисаност и суета. Секое дело и успех тука траат неколку минути и одиме понатаму. Има огромна конкуренција, американска работна етика и труд, голема скромност, талент и анонимност. Една верзија на уметнички капитализам, како соба без таван, „ the sky is the limit “, ама нема ни под, ниту министерство за култура. Можеш да успееш, ама кога паѓаш, паѓаш во бездна оти нема стара слава. Од тој раб, разголена емоција, постојана борба, заедно со лутата емоција што те донела во градот, доаѓаат тие рифови и звуци. Од таму доаѓа звукот на Џејмс Ченс, Артур Расел, Алберт Ајлер. Мислам дека тие можеа само тука да се создадат.

Што беше тоа во овој град што ја разбуди повторно твојата желба да се занимаваш со музика наспроти посетите на концерти и купувањето плочи? Пред многу години, ти имаше свој бенд во Битола заедно со Бранко Николов од „Фолтин“ и Оливер Јосифовски од „Љубојна“ по име „Жешка контрабанда“, кој беше еден вид претходница за овие состави.

Па, јас сè уште купувам плочи, тамам работа. Ха-ха. За време на мојата психоанализа, целиот живот ми се размести, отскри, преклопи, како колаж, и музиката што дотогаш ги покриваше сликите, сеќавањата, анегдотите се измести, се промени. Стана потивка, ама помоќна и поискрена. Имаше некоја новоформирана дистанца меѓу старата и новата музика во мене, што ме мачеше. Како да беа напишани во различни скали и ритами. И мораше тоа да се отшие и да се преплете, да стане една композиција и да излезе од мене.

Со „ The Rabbit And the Fallen Sycamore “ се заокружи една трилогија од изданија, која почна со „ Batania “ и „ Bitter Almonds “. Кои беа некои од идеите, емоциите и замислите зад овие изданија што ги придвижија овие песни? Кои беа некои од музичките визии што сакаше да ги исполниш со овие изданија?

Идејата беше да се направи музика ЗА емоцијата и ВО емоцијата во исто време. Ме интересираат дисоцијативни уметнички форми, кога си внатре и надвор од нешто во исто време. Ми требаше време бидејќи тоа бара радикална искреност. Ако не си искрен и не се соголиш, ќе паднеш на лицето и ќе си го скршиш носот, во процесот. Музиката е најчиста уметничка форма бидејќи може да постои независно од сè друго и е најблиску до срцевината на човекот.

Музиката е најчиста уметничка форма бидејќи може да постои независно од сè друго и е најблиску до срцевината на човекот

Во музиката не можеш само да флертуваш со идејата туку мора да скокнеш, да изгориш во неа. Такви се и филмовите што ги сакам, кои не се само илустрирани приказни туку имаат нешто што постои само по себе, продолжен момент, емоција – независно од сè. Снимив три албуми што на свој начин претставуваат некролог за последен поздрав; фрагментирани остатоци од минатото; и ново психолошко раѓање. Затоа и неофицијално ја нареков трилогијата „Апоптоза“ – програмирана клеточна смрт. Клетката е емоција во случајов. Нешто умира, нешто се раѓа. „Јал – не јал, три и пол“, велат старите во Битола.

Каква слика даваат овие изданија за тебе како музичар и автор?

Би сакал да дадат слика на автор што работи искрено, сирово, без манипулација, и се занимава со потсвеста; кој не бега од приказната, туку се врти и оди кон и низ неа; кој нема да се срами во иднина од тоа што го напишал и го компонирал, се надевам.

На овие три изданија учествуваат импресивна екипа музичари што ги обликуваа твоите песни, почнувајќи од Мери Халворсон, Тома Фуџивара, Крис Спид, па до Бил Ласвел. Дали можеш да зборуваш за придонесите на овие луѓе, кои се дел од њујоршката авангардна сцена, и на кој начин ги насочуваше за да се дојде до овие песни?

Едноставно им ги дадов напишаните песни, им ги отсвирев композициите, а потоа ги насочив, преку текстот и музиката, интроспективно да дојдат до своја, лична емоција и водејќи се од неа да импровизираат врз тоа што веќе беше запишано како текст и музика. Тоа беше марифетот. Не ме интересира само техниката на свирење. Здодевно ми е тоа. Тоа што ме импресионира е кога можеш да ми кажеш повеќе со помалку. Сакав да имам музичари што можат да регресираат за да имаат пристап кон својот т.н. примарен процес (каде што лежат агресија, гнев, завист, сексуален нагон, полиморфни перверзии, интимност, љубов), па низ тоа да ги искасаат или пак да ги гушнат мелодијата и приказната со лични музички импровизации. Марѕ, Томас, Крис, Ингрид, Томека тоа го прават без никаква тежина, како прошетка низ парк. Плус, не се само соработници, блиски пријатели сме, што го прави процесот уште поинтимен.

За последното издание соработуваше и со реномираниот продуцент Бил Ласвел. На кој начин тој влијаеше врз работата на „The Rabbit And the Fallen Sycamore“ ?

Бил е вонсериски музичар и продуцент, пријател и човек со специфичен карактер. Го измикса албумот на оригинално свој начин, со мудрост, чувство, леснотија, без голема продукција и ефекти. Го остави да дише, како што самиот ми рече. Ги искористи основните вокали, кои првично беа само за ориентација додека снимавме и планот беше да се преснимаат. Остави некои грешки, чкрипење, мали фалшови, како да е исвирено во дневната соба. А, згора на тоа, Бил има еден тон приказни и анегдоти така што со него е секогаш многу забавно.

Песните од сите твои изданија имаа свои промотивни настапи само во Њујорк и настапот на „Оффест“ ќе биде премиерна изведба во Македонија. Воедно, на концертот ќе настапи и бендот што ги сними овие изданија со тебе. Како ќе биде конципиран настапот на „Оффест“?

Ќе свириме песни од трите албуми, претежно со македонски текстови и со акустичен звук. Изведбите на песниве се секогаш различни бидејќи, покрај мелодијата, оставаме простор за импровизации, сè се случува во моментот, така што и јас ќе ги слушнам тие специфични импровизации првпат во тој момент. Се радувам и возбуден сум што ќе ги свирам композициите пред домашна публика бидејќи ќе можеме заедно да ги почувствуваме приказните, претпоставувам.

Твојот глас можеше да се чуе во најразлични контексти во Македонија – од филмовите на Милчо Манчевски, Столе Попов, па до песните на Дуке Бојаџиев, и на тој начин луѓето да ги откријат твоите песни, но колку си ти во тек со музичките настани и изданија во Македонија (ако се земе предвид каде си лоциран)?

Имав можност да слушнам некои од албумите на „Фолтин“ и „Љубојна“, а знам и за бендови како „Летачки пекинезери“, „Панда 5“, „Бернис пропаганда“, „Паркети“, „Чиста околина“, Гоце Стевковски, „Сетстат“, супер звучат, одлично, ама, за жал, не сум ги слушнал нивните цели албуми. Јас сум „од старото кино“ и сакам да слушам албуми. Ха-ха. Пред една година го открив и Ерџан, пејач од Куманово, а и настапите на „Весели момци“ од Битола, свадбарски бенд што има комбинација на фри-енергија, кич маками и лирика меѓу редови. Многу јако! Некои работи не треба да се во Њујорк за да се њујоршки. Од настани, во тек сум со Скопскиот џез фестивал/„Оффест“ бидејќи секогаш имаат одлична програма, без компромиси и со светски импакт фактор, а и многу мои пријатели и соработници од Њујорк низ годините имаа можност да свират на СЏФ, па уживам да ја слушнам нивната верзија на нашата татковина, што забележуваат, што им се допаѓа, што им е чудно итн. Главно убави работи.

Ненад Георгиевски

(Фото: Фејсбук фан-страница на Крсто Роџевски)