Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и вториот пораз во квалификациите за Светското првенство во 2023 година, откако на гостувањето во Киев загуби од Украина со 78:61.

Избраниците на слекторот Драган Бајиќ одиграа одлично прво полувреме кое го добија со 34:30, но во вториот дел нашата селекција одигра далеку под очекувањата, а тоа протвиникот знаеше како да го искористи. Третиот период и припадна на Украина со 19:13 и со плус 2 (49:47) влезе во последниот период, во кој нашата селекција одигра уште покатастрофално. Последниот период Македонија го загуби со 29:14 и на крајот со убедлив пораз си замина од Украина.

  • Пофалби за момците за играта во првото полувреме. Имавме краток период за подготовка за овој меч, но и покрај тоа во поголем дел ги испочитувавме работите за кои се договоривме. Влеговме во спор ритам, не дозволивме Украина да се разигра, менувавме одбрана, имавме контрола на играта, го држевме и скокот под контрола, немавме грешки, но во вториот дел како да снемавме енергија. Можеби напорниот пат си го направи своето. Загубивме фокус и концентрација на крајот и тоа одлучи за конечниот резултат. Мора да одиме понатаму, има уште натпревари да се играат и во февруари се надевам дека ќе бидеме комплетни. Ни фалат пет играчи, тоа за нас е голем проблем, изјави Бајиќ.

Најефикасен во „црвено-жолтите“ редови беше капитенот Бојан Крстевски (14 поени), кој истакна дека не одиграле лошо за да загубат со толку висока разлика, која на крајот може да се покаже како клучна за пласманот во следната фаза.

  • Сакам да честитам на Украина за победата. Одигравме доста добро прво полувреме. Но не продолживме така во ист ритам. Немавме концентрација, посебно во неколку минути од продолжението. Така беше и со Шпанија. Мораше да бидеме во текот на сите 40 минути на ниво ако сакавме да победиме. Не одигравме толку лошо за да загубиме со висока разлика. Но, се надевам дека во иднина ќе бидеме подобри и ќе растеме како тим, додаде Крстевски.

Македонија во февруари следната година двапати ќе се сретне со Грузија и тоа прво на гости, а потоа и на домашен терен. По комплетирањето на првиот прозорец на ФИБА, Македонија е последна на табелата со два порази, по еден триумф имаат Грузија и Украина, а сосема очекувано лидер е Шпанија со две победи.