Крлежите напаѓаат, не ги вадете со бензин и пинцета!

Како што информираат лекарите, најголем број од каснатите лица по амбулантскиот третман биле пуштени на домашно лекување, бидејќи немале посериозни последици, односно никој немал компликации од убодот ниту пак некое заразно заболување што го пренесуваат крлежите

549

Сезоната на крлежи e во полн ек, а во месец мај се регистрираат и најголем број на каснувања од овој опасен инсект. Досега на Инфективната клиника во Скопје  помош од каснување со крлежи побарале повеќе од 60 лица, иако според лекарите бројката е поголема бидејќи некој од каснатите пациенти помошта ја бараат и во приватните ординации и болници.

Како што информираат лекарите најголем број од каснатите лица по амбулантскиот третман биле пуштени на домашно лекување, бидејќи немале посериозни последици, односно никој немал компликации од убодот ниту пак некое заразно заболување што го пренесуваат крлежите.

Но лекарите предупредуваат дека една до две недели по каснувањето доколку пациентот добие висока температура или црвенило на местото на убодот веднаш да побара лекарска помош. Тие апелираат до граѓаните да не експериментираат и сами да го вадат крлежот, оти тогаш ризикуваат да си ја загрозат здравствената состојба.

Променливото време ги наезди крлежите во парковите, ливадите и шумите. Затоа лекарите препорачуваат доколку се шета во природа да се носи соодветна облека, како што се долги панталони и долги ракави. Во просек годишно на Инфективна од крлежи се лекуваат околу 600 граѓани.

Она што треба да се знае е дека крлежите не летаат и не скокаат, но овие инсекти најчесто се закачуваат на места каде што кожата е мека и влажна и каде што има влакна. Може да се закачат под пазувите, на препоните, скалпот и бутовите.

Кога ќе го најдат идеалното место, на крлежите им се потребни околу 2 часа да ја пробијат кожата и да почнат да се хранат со крв.Целиот процес е безболен бидејќи крлежите имаат анестетик во нивната плунка. Доколку пренесуваат некоја заразна болест, на него ќе му бидат потребни до 48 часа да влезе во домаќинот.

Поради ова, од голема важност е штом ќе го забележите крлежот, веднаш да го извадите. Најчесто самото каснување е безболно и многу често лицето не знае дека е каснато.

Лекарите исто така апелираат кон граѓаните крлежите да не ги вадат самите со пинцета, бензин, масло или други густи креми.

Крлежите пренесуваат многу болести, а најчести се борелиоза и менингитис, како и лајмска болест, туларемија, конго-кримска хеморагична треска, дамчеста треска, ерлихиоза, како и во ретки случаи парализа.

Најпрво се забележува специфично црвенило на кожата. Потоа можат да се појават симптоми како температура, замор, болки во мускулите и зглобовите, главоболки, вкочанетост на вратот и слично. Доколку болеста навреме не се лекува, можат да настанат компликации.

Проблем настанува и кога од крлеж е каснато вашето милениче, најчесто кучето, затоа по секоја прошетка добро проверете го да не има некој крлеж и интервенирајте како што треба кај ветеринар. Во најдраматични ситуации крлежот може да ја предизвика и смртта, доколку со себе носи смртоносни бактерии. Исто така сите домашни миленичиња треба редовно превентивно да се третираат против крлежи. Дополнителна заштита обезбедуваат репелентите против крлежи и инсекти, а се нанесуваат на гола кожа. За постигнување на максимален ефект, потребно е да се нанесуваат на секои еден до два часа, ако престојот во ризични предели е подолготраен.

(В.Ма.)