Германската ракометна репрезентација секогаш е фаворит за медал на големите натпреварувања, но на Европското првенство во Австрија, Шведска и Германија ќе има шанса да се бори само за петтото место. Токму затоа се избројани деновите на селекторот Кристијан Прокоп. Негов наследник најверојатно ќе биде селектор странец, Исланѓанецот Алфред Гисласон, кој е единствен кандидат за местото предводник на петкратниот светски првак.

Гисласон по заминувањето од Кил, изјави дека ќе земе мал одмор од ракометот, а потоа ќе води некоја репрезентација. Тој ќе биде втор Исланѓанец  на клупата на “панцирите“  по Дагур Сигурдсон кој стана европски првак во Краков пред две години.

Германците најверојатно ќе играат во Олимписките квалификации, кои ќе се одржат во Берлин, и тоа ќе им биде последна шанса за место во Токио. На 14-тото Европско првенство, Германија загуби од Шпанија и Хрватска и тоа беше доволно да ги загубат и теоретските шанси за полуфинале.

Но Германија на фуриозен начин ја победи Австрија со 34:22 и се избори за третото место во групата и натпревар за петто место на шампионатот. Овој меч го судеше македонската двојка Николов и Начевски.

Кастенинг беше најдобар стрелец со шест гола во победничкиот состав, пет имаше Рахјман, а четири постигна Пекелер. Кај Австријците, најефикасен беше Билик со пет погодоци, но и немаше поддршка од останатите соиграчи.

На останатите натпревари Хрватска ја победи Чешка со 22:21, а Шпанија ја прегази Белорусија со 37:28.