Откако министерот за здравство Венко Филипче во понеделникот изјави дека во земјава се останати на располагање уште само 5 000 дози вакцини, веќе попладнето се огласи преку социјалните мрежи и потврди дека во земјава пристигнале 11.700 нови дози од вакцината на „Фајзер“, во рамки на програмата за поддршка во снабдувањето со вакцини за Западен Балкан.

Министерот Венко Филипче потврди 11.700 нови дози од „Фајзер“ кои пристигнаа попладнево

Како што информираше Филипче 7 020 се преку директни преговори со производителот, а 4 680 дози се од Европската унија како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“.

„Оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан ја координира Австрија. Количините на вакцини постојано се дополнуваат, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинација на www.vakcinacija.mk“, објави на својот Фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.

На вакциналните пунктови во државата, заклучно со сабота 29.5.2021, вакцинирани се вкупно 234 508 граѓани. Прва доза вакцина во саботата примиле само 597 граѓани, а вкупно се вакцинирале 10 792 граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани 315 781 дози вакцини, а ревакцинирани се 81 273 граѓани.